Хамас не го врати телото на мајката на двете деца, Нетанјаху се закани: „Ќе ја платат целата цена“

од Nikola Popovski
51 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска остро го критикуваше „неописливиот цинизам“ на палестинската група Хамас, откако израелските форензички власти утврдија дека телото на еден од четворицата заложници што Хамас вчера му ги предаде на Израел не ѝ припаѓа на мајката Шира Бибас.

„Суровоста на чудовиштето од Хамас нема граници. Не само што го киднапираа таткото на семејството Јарден Бибас и младата мајка Шири и нивните две бебиња, туку на неописливо циничен начин го ставија телото на жена од Газа во ковчегот, а не телото на Шири, за кое рекоа дека го вратиле заедно со телата на нејзините две деца“, рече Нетанјаху во видео обраќање, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху истакна дека Израел „ќе дејствува решително за да ја врати Шири дома заедно со сите други израелски заложници, живи и мртви“ и дека „ќе се погрижи Хамас да ја плати целата цена за своето сурово и злобно кршење на договорот за прекин на огнот“.

Израелскиот премиер изрази и тага поради потврдата дека вчера биле вратени трите тела на Ариел Бибас (4) и Кфир Бибас (10 месеци) и Одед Лифшиц (83), велејќи дека тројцата биле брутално убиени во заробеништво на Хамас во првите недели од војната.

„Нека Бог ја одмазди нивната крв, но и ние исто ќе го сториме“, заклучи Нетанјаху.

Палестинската милитантна група Хамас вчера соопшти дека се обидела да ги одржи во живот израелските затвореници што ги држела во притвор, но дека тие биле убиени од израелската војска на инсистирање на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја продолжи војната во Газа.

Слични содржини