Хамас објави во кои случаи Израел го крши примирјето

од Nikola Popovski
29 прегледи

Палестинската милитантна група Хамас денеска го обвини Израел дека го прекршил договорот за прекин на огнот со тоа што го спречил враќањето на раселените Палестинци во северниот дел на Појасот Газа додека не се договори ослободувањето на заложничката Арбел Јехуд.

„Израелските окупатори го одложуваат спроведувањето на условите од договорот. Продолжуваме да работиме со посредниците за да го решиме ова прашање на начин што ќе обезбеди враќање на раселените лица во нивните домови што е можно поскоро“, се вели во соопштението.

Хамас, исто така, ја истакна својата посветеност на почитување на условите од договорот за прекин на огнот „со цел да се заштитат интересите и правата на палестинскиот народ“, јавува агенцијата „Анадолија“.

Според израелскиот медиум „Вала“, Јехуд (29) била обучена како дел од израелската воена вселенска програма и била опишана како војник, но други израелски медиуми, вклучително и Тајмс оф Израел, изјавиле дека таа е цивил.

Израелските власти соопштија претходно денеска дека Израел нема да дозволи Палестинците да се вратат во северната енклава додека не се договори ослободувањето на Јехуд.

Израел претходно бараше Јехуд да биде меѓу заложниците ослободени вчера, но Хамас ослободи четири жени-членки на ИД, пишува „Тајмс оф Израел“.

Тел Авив ја окарактеризира одлуката како прекршување на примирјето и одби да го отвори крајбрежниот пат што води кон северот на Газа, каде што денеска се собраа илјадници Палестинци чекајќи да се вратат дома.

Хамас утрово издаде соопштение во кое се наведува дека Јехуд е жива и тврди дека ги обезбедил „сите потребни гаранции за нејзино ослободување“, но Израел тврди дека не добил видео или фотографија од Хамас што докажува дека таа е жива.

Слични содржини