Хамилтон крал на Штаерска, целосен триумф на Мерцедес

од Vladimir Zorba

Светскиот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон е победник во трката за Големата награда на Штаерска, втора во годинешниот шампионат.

Британецот на тој начин стигна до првата победа оваа сезона и вкупно 85-та во неговата кариера, а потребни му се уште шест уште за да го изедначи рекордот на Михаел Шумахер.

За разлика од минатиот викенд на истото место, кога беше четврти, Хамилтон сега беше во првите редови на трката од почеток до крај, со исклучителни неколку круга кога мораше да влезе во бокс.

Успехот на Мерцедес на оваа трка беше целосен, бидејќи второто место му припадна на вториот возач на оваа екипа, Валтери Ботас, додека трет беше Макс Верстапен од Ред Бул.

Александар Албон го зазеде четвртото место, додека возачот на Мекларен, Ландо Норис, успеа да надокнади три позиции во последниот круг и го зазема петтото место.

Возачот на Рејсинг Поинт, Серхио Перез го зазема шестото место, иако стартуваше од 17-тото, а неговиот тимски колега Ленс Строл го зазеде седмото место. Даниел Рикардо од Рено беше осми, Карлос Сајнц од Мекларен заврши на деветтото место, додека Данил Квјат од Алфа Таури го зазеде 10-тото место.

Интересно беше на стартот на трката, кога видовме инцидент на патеката во првиот круг, чии актери беа Шарл Леклер и Себастијан Фетел, кои мораа да се откажат наскоро, а безбедносно возило излезе на патеката и остана на полни три круга.

Леклер подоцна призна дека е виновен за инцидентот, за што му се извини на неговиот клупски колега од Ферари.

Шампионатот во Формула 1 продолжува следниот викенд со унгарското Гран-при на патеката „Хунгароринг“.

Слични содржини