Хан од Вашингтон побара спроведување на договорот за политичка нормализација

од Vladimir Zorba
160 прегледи

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека Европа има морална обврска да ја обезбеди европската перспектива на Македонија, меѓу другото и во интерес на стабилноста на регионот, поради што ќе бидат разгледани две поглавја од пристапните преговори со ЕУ. Зборувајќи во Атланскиот Совет во Вашингтон, комесарот Хан додаде дека, од друга страна, доколку политичката криза не се разреши, Македонија може да ја загуби досега добиената препорака за отворање преговори.

johanes-han-640x360_1

На договорот кој беше потпишан во вторникот, за кој Хан рече дека САД и Европската Унија служат како се сведоци, му претходела дискусија меѓу власта и опозицијата за терминот за одржување на предвремните избори, при што имало барања тие да бидат одржани и поскоро. Пред да се извршат изборите, појасни Хан, треба да се модификува изборниот законик и да се разгледа избирачкиот список, притоа додавајќи дека и последните избори во 2014 година, како и претходните избори, добивале генерално позитивен извештај. Во врска со аферата прислушување, Хан побара СДСМ да се врати во Собранието каде би се                                  испитале обвинувањата, како и судска разврска.

“Има голем скандал што никој не може да го игнорира. Има 22 илјади снимки. Да не зборувам за содржината што е нешто друго. Ние сме на мислење дека треба да има двонасочно реакција на ова. Една е политичката и затоа бараме опозицијата да се врати во парламентот, и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин преку дебата во парламентот, да има истражни комисии и така натаму. Но, ова исто така е криминален случај и тој со него треба да се справи на врз основа на меѓународните и европските стандарди. Затоа понудивме и ова исто така беше прифатено од партнерите за меѓународни експерти коишто се справуваат со вакви прашања. И сите страни се согласија да ги прифатат и спроведат сите препораки дадени од Европската Комисија особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството. И за да се анализира но и да се спроведе ова, потребно ни е време и затоа се согласивме за избори во пролет идната година, иако некои сакаа да има избори порано”, изјави Хан.

Атланскиот совет е американска тинк тенк организација која се залага за проширување на НАТО и на Европската Унија. Во своите забелешки пред Советот, комесарот Хан изјави дека политичката криза во Македонија делумно се должи на попречувањето на македонските евро-атлански интеграции, поради што Европа сега има и морална обврска да ги исполни ветувањата, и поради што ќе се разгледаат подрачјата 23 и 24 од пристапните преговори.

Од друга страна, Хан побара од македонските партии да бидат конструктивни, велејќи дека доколку политичкиот договор не биде спроведен, Македонија може да ја загуби препораката за отворање на преговорите која ја добива од 2009 година.

„Во 2005-та година поранешната југословенска Република Македонија доби кандидатски статус како за земја можна членка на ЕУ, а во 2008 година ветување за приклучување кон НАТО. Двете работи не се случија и сега се гледаат последиците. Тоа сега е неопходно и тоа е причината зошто јас се вклучив како морална обврска, но исто така и бидејќи не се работи само за земјата, туку и за регионот. Не треба да се потценуваат политичките последици ако оваа земја не функционира со оглед на етничките тензии и елементи. Затоа имаме голем интерес да го решиме ова. За да се одржи барем европската перспектива, земјата треба да се справи со домашните несовршености и проблеми. Сега имаме многу сериозна внатрешна криза и се надевам со договорот од минатиот вторник направивме огромен чекор напред. Затоа што им понудивме, ако сакате морков, но истовремено и стап, да ги разгледаме подрачјата во земјата од фундаментално значење како веќе да имаме започнати преговори со нив. Во Европската унија имаме поглавја 23 и 24, по кои преговараме со идните можни земји членки. Овие две поглавја се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите, независноста на судството и така натаму. Ние ќе ја примениме оваа методологија и истовремено ќе ги подготвуваме новите избори како што се договоривме, за да има фер, транспаретни и разумни избори. Се надевам дека ова ќе придонесе за да се стабилизира земјата и ќе ја врати на европската и евроатланската перспективa”, изјави Хан.

Еврокомесарот ја продолжува посетара на САД. Досега тој се сретна со помошникот државен секретар Викторија Нуланд, со сенаторот Кристофер Марфи и со раководството на агенцијата УСАИД. Во петок, Хан ќе се сретне со заменикот државен секретар Ентони Блинкен и со функционери од Белата куќа и од Конгресот/МИА