Комесарот за проширување Јоханес Хан, според соопштението на Европската комисија, телефонски разговарал со претседателот на СДСМ, Зоран Заев за да го разјасни покренато прашање во врска со меѓупартискиот дијалог што го олеснува ЕУ, а по договорот постигнат во Скопје во вторникот на 2-ри јуни, јавува Телма
Во реакцијата на Брисел, стои и дека Европската комисија во неколку наврати ја повтори потребата да се испитаат сите потенцијални злоупотреби кои произлегуваат од прислушувањето, вклучувајќи ги и оние поврзани со изборна измама.
– Комесарот ги повикува сите партиски лидери да ги почитуваат обврските преземени на 2 јуни за надминување на актуелната криза и да ги продолжи разговорите за да се најде брз и траен договор со кој мора да се реши легитимната загриженост во врска со владеењето на правото и да се врати довербата на јавноста во институциите на државата. Ова е во интерес на сите граѓани на земјата, гласи пораката што предмалку ја испрати Еврокомисијата.
Како што е познато и покрај ставот на Заев дека во среда нема да дојде во Брисел на финализирањето на договорот постигнат минатата недела во Скопје, ЕК официјално ги повика него, Никола Груевски, Мендух Тачи и Али Ахмети на состанок со цел заокружување на рамката за решавање на политичката криза во земјата, што треба да финишира со организирање на предвремени парламентарни избори во април 2016 година.
