Последната пленарна седница на албанскиот парламент за оваа година беше обележана со хаос, дебати и физички судири, објави Euronews Albania.
Уште пред почетокот на седницата, пратениците од опозицијата на Албанија се обидоа да седнат на министерските места во парламентот, по што се судрија со Националната гарда, која е одговорна за безбедноста на високите функционери, кои се обидоа да ги отстранат оттаму.
И покрај напорите на безбедносните службеници, пратениците од опозицијата сепак седнаа на министерските места.
Поради хаосот што настана, на барање на Таулиант Бала, претседател на парламентарната група на владејачката Социјалистичка партија на Албанија, парламентот директно продолжи со гласање по точките на дневен ред.
Во услови на ситуацијата и судирите меѓу опозицијата и гардата, Ендрит Шабани положи заклетва како нов омбудсман на Албанија, а потоа ја напушти салата.
По неколкуминутна пауза свикана од претседателот на албанскиот парламент, Нико Пелеши, пратениците од главната опозициска Демократска партија на Албанија запалија факели.
За време на седницата, Пелеси ги исклучи демократските пратеници Клевис Балиу и Фламур Нока, но и покрај нивното отстранување, тие останаа во салата.
Видео клип што кружи на социјалните мрежи го покажува Нока како ги полева обезбедувачите и министерот за земјоделство Андис Сала со вода.
Додека имаше судири меѓу опозициските пратеници и обезбедувањето во пленарната сала, пред зградата на парламентот беше снимен уште еден инцидент, во кој се запалија интернет и видео каблите. Инцидентот доведе до прекин на преносот во живо од седницата за сите медиуми. Нема пријавено повредени. Не е јасно што предизвикало палење на каблите.
Акциите што ги презедоа опозициските пратеници денес доаѓаат неколку дена пред Демократската партија на Албанија да најави протест против владата на албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, што ќе се одржи на 22 декември.
Демократската партија објави дека граѓанските протести ќе започнат во земјата на 22 декември и ќе престанат дури по падот на владата на Рама, воспоставувањето техничка влада и слободното гласање за Албанците. Лидерот на демократите и поранешен албански премиер и претседател Сали Бериша во неколку наврати изјави дека нема да ги прифати резултатите од парламентарните избори одржани во мај оваа година, повикувајќи на нивно повторување и на техничка влада. Според Бериша, парламентарното гласање на 11 мај 2025 година, на кое социјалистите обезбедија четврти последователен мандат, било „изборна фарса“ и за време на него биле извршени „манипулации“.