Во време кога се очекува назначување на нов министер за здравство, проблемите во здравствениот систем продолжуваат да се зголемуваат. На Клиниката за онкологија ситуацијата останува напната поради големата гужва и недостигот од персонал.
Но, најголем шок предизвика веста дека во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од денеска нема да има чисти чаршафи за болничките кревети. Причина е бојкотот на вработените во пералната служба, кои не добиле плата од декември.
„Од декември не сме земале плата и чекаме секој ден. Денеска протестираат и не примаат чаршафи, освен зелените за операции, бидејќи тие се неопходни“, велат вработени од пералната за Канал 5.
Од јануари 2024 година пералната ја управува приватната фирма „СкопСтер“, но проблемите со исплатата на платите доведоа до прекин на работата, што сериозно го влошува функционирањето на болницата.