Хаос на Шри Ланка: Прогласена вонредна состојба во целата земја и полициски час

од Stefanija Kuzmanovska
201 прегледи

Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинг, денеска прогласи вонредна состојба во целата земја и полициски час во одредени области, откако претседателот Готабаја Рајапакса утрово побегна на Малдивите, поради масовните протести поради економската криза на островот.

– Премиерот како вршител на должноста претседател прогласи вонредна состојба во целата земја и воведе полициски час во западната провинција, кој стапува веднаш на сила – изјави владин претставник за „Ројтерс“.

Готабаја избегал со воен авион на Малдивите, со сопругата и двајца безбедносни службеници, потврдија од воената авијација.

Со бегството од Шри Ланка стави крај на владеењето на моќното семејство Рајапакса, кое две децении доминираше во политиката на оваа јужноазиска земја.

По оваа вест, илјадници луѓе се собраа во Коломбо извикувајќи „Гота крадец“, што е прекарот на Рајапакса.

Највисоките функционери на владејачката партија во Шри Ланка се согласија да го поддржат премиерот Ранил Викремесинге како нивен претседателски кандидат.

Таа одлука се уште не е официјално донесена, изјави денеска извор од владејачката партија за „Ројтерс“, а демонстрантите кои се собраа на улиците на Коломбо изјавија дека бараат негова оставка до попладневните часови, наведува британската агенција.

Слични содржини