Хаос низ улиците во Атланта по убиството на уште еден афроамериканец

од Берта Китинска
280 прегледи

Шефот на полицијата во Атланта поднесе оставка по убиството на уште еден афро-американец од страна на полицијата. Идентитетите на полицајците кои учествуваа во инцидентот веќе се познати во јавноста. Станува збор за двајца белци, полицајците Гарет Ролф и Девин Бронсан. Ролф веќе е отпуштен од работа, а Бронсан е преместен во администрација.

По убиството на 27-годишниот Рашард Брукс, на улиците во Атланта се случи хаос. Демонстрантите го запалија ресторанот на чиј паркинг се случи убиството. Пожарот беснееше цели 45 минути, пред да дојдат пожарникарите да го изгаснат. Дел од демонстрантите се префрлија кон главниот автопат и го сопреа сообраќајот.

Инцидентот се случи кога полицијата добила дојава дека автомобил го блокира преминот пред ресторан за брза храна. Полицијата излегла на терен, а во возилото го пронашле 27-годишниот Брукс, кој не го поминал алхо-тестот, по што полициските службеници сакале да го приведат, но тој давал отпор. Во тој момент, еден од полицајците извадил електричен шокер, но Брукс се обидел да го земе, по што било пукано во него. Брукс е одведен во болница, но лекарите не успеале да го спасат.

Неговата смрт од полициски куршум се случува, по три недели од масовните протести во Америка, поради смртта на 46-годишниот Афроамериканец Џорџ Флојд, кој почина под коленото на полицискиот службеник во Минеаполис.

Слични содржини