Се повторува сликата на преполни автобуси кои возат од еден до друг град. Утринава од меѓуградската автобуска станица во Скопје, тргна автобус со патници кои со куфери, торби и ранци стоеле меѓу двата реда седишта бидејќи немале свое место за седење. Причина бил фактот што се продадени повеќе билети од предвидениот број на седишта во автобусот кој утрово сообраќа од Скопје до Охрид, се пожалија граѓани до редакцијата на „Локално“.
Родителите на дел од патниците кои немале свое седиште, револтирано побарале одговорност од компанијата, зошто за нивните деца нема место во автобусот кога имаат регуларни билети купени уште пред неколку дена.
-За странските туристи ситуацијата беше уште понереална. Не можеа да сфатат како е воопшто можно да немаат седиште во автобусот кога билетите ги купиле на шалтерот на компанијата. Одговорот што го добија беше, кренати раменици. Во обид да изнајдат решение, возачите ја понудија единствената можна солуција, сите да влезат во автобусот и да тргнат до гаражата на компанијата за да се префрлат во поголем автобус, стои во реакцијата на дел од засегнатите граѓани и патници.
Наведуваат дека ова не е прв пат оваа компанија да има проблеми со автобусите и тоа конкретно на релацијата Скопје-Охрид -Скопје.
-Во екот на турстичката сезона, имаше случај кога автобусот на пат кон Скопје имаше дефект на Стража, па патниците мораа да чекаат неколку часа да дојде следниот автибус за да ги превземе до Скопје. Дали овој денешен случај ќе ги подотвори очите на надлежните дека автобускиот сообраќај треба секојдневно да се контролира а не периодично и инцидентно? Дали е конечно време контролите да се прават и на самите перони на меѓуградската автобуска станица и да се провери дали има прекубројни патници во возилото односно дали секој патник што чесно си го платил билетот добил и свое седиште? Во спротивно грдата слика што денеска ја оставиваме пред домашните и странски патници, од утре може компанијата да ја остави со нулта доверба кај граѓаните, апелираат граѓаните.