Струмица вечерва е еден од градовите каде што ескалираше незадоволството на граѓаните од системот „Безбеден град“. На транзитниот пат кај Ромското маало, сообраќајот е во целосен прекин откако поголема група револтирани граѓани постави блокади.
Учесниците во протестот своите барања и револтот ги пренесуваа во живо на социјалните мрежи. Главната причина за ваквата радикална мерка, според нивните изјави, се високите казни што почнаа да пристигнуваат на нивните адреси преку автоматизираниот систем на Министерството за внатрешни работи. Тие обвинуваат дека системот е воведен без претходна подготовка и дека казните се превисоки за стандардот на граѓаните.
Освен сообраќајниот колапс, протестот предизвика и еколошки инцидент. Демонстрантите запалија стари гуми среде патот, по што густ црн чад се прошири низ овој дел од градот.
Овој чин дополнително го влоши веќе критичниот квалитет на воздухот во Струмица, проблем кој со недели ги мачи локалните жители.
На местото на настанот веднаш излегле екипи на СВР Струмица за да го регулираат сообраќајот и да го документираат инцидентот, како и екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) за да го изгаснат огнот.
Слични собири и обиди за блокади вечерва беа забележани и во неколку други градови низ државата, што укажува на организиран отпор против новите сообраќајни контроли.