Бруклин Нетс не планира да се раздели со бекот Џејмс Харден пред затворањето на преодниот рок во НБА во февруари, објави ЕСПН. Харден (32) е слободен играч на крајот од сезоната и не е тајна во лигата дека сака да го напушти тимот бидејќи не е задоволен од животот во Бруклин.
Плејмејкерот пред една година беше привлечен во „мрежите“ од Хјустон Рокетс, но очекувањата за формирање тројка со Кајри Ирвинг и Кевин Дурент да доминираат, барем во оваа фаза, не се оправдаа поради честите повреди на еден од тројцата, како и одбивањето на Ирвинг да се вакцинира, па затоа не смее да игра на домашните натпревари на тимот.
И покрај проблемите, сопственикот на Нетс, Џо Цаи и генералниот менаџер Шон Маркс сакаат да му дадат втора шанса на триото да се бори за титулата. Минатата сезона, Бруклин загуби од подоцнежниот шампион Милвоки Бакс во седум натпревари во полуфиналето на Источната конференција. Во оваа серија Харден играше со повреда, а Ирвинг поради повреда не беше во можност да учествува во решавачките натпревари.
Сепак, не е тајна дека ривалот на Бруклин во Атлантик дивизијата, Филаделфија 76-ерс, има многу сериозен интерес за Харден. Сиксерси се подготвени за возврат да го дадат плејмејкерот Бен Симонс, бидејќи Австралиецот го бојкотира тимот од почетокот на сезоната и одбива да игра, иако е во одлична физичка форма. Сепак, Нетси не се заинтригирани од ваква зделка и практично е невозможно тоа да се случи пред затворањето на преодниот рок на 10 февруари.
Доколку Харден сепак одлучи да потпише нов договор со Бруклин, би можел да парафира четиригодишен договор вреден 223 милиони долари, а во последната година ќе може да добие 61,7 милиони долари и да стане првиот играч во историјата, чија годишна плата надминува 60 милиони. Оваа сезона Харден има респектабилен учинок од 23 поени, 10 асистенции и 8 скока по натпревар.