Потпретседателот на САД, Камала Харис во понеделникот ја започна дипломатската турнеја Северен триаголник со цел ограничување на миграцијата кон САД.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со претседателот на Гватемала, Алехандро Џиамети, Харис рече дека е важно да се обесхрабрат луѓето од Гватемала, Салвадор и Хондурас – трите земји од каде доаѓаат повеќето мигранти – да се упатат кон границата со САД.
„Соединетите држави ќе продолжат да ги применуваат нашите закони и да ги обезбедуваат нашите граници“, рече Харис. „Ако стигнете до нашата граница, тие ќе ве вратат назад.
„Не доаѓајте, не доаѓајте“, рече таа.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, кој ја презеде должноста во јануари, е под притисок да го запре приливот на мигранти од Централна Америка, кои бегаат од сиромаштија и корупција.
Харис најави и нови чекори во борбата против трговијата со луѓе, шверцот и корупцијата во Гватемала.
„Претседателот и јас се согласивме да продолжиме да работиме на управување со миграцијата на северните и јужните граници на Гватемала“, рече таа.
„Разговаравме и за шверц на илегална дрога и за трговија со луѓе преку граница што ја нарушува безбедноста и на Гватемала и на луѓето на Соединетите држави“.
Таа рече дека Соединетите држави ќе помогнат да се создаде работна група за борба против шверцот и трговијата со луѓе и да се создаде работна група за борба против корупцијата, со цел да им се помогне и обучат локалните обвинители да создадат независно судство што ќе ги искорени мрежите на корупција во земјата.