Хасани од Скопје: Албанскиот фактор придонесува за стабилноста во Македонија

од Nikola Popovski
181 прегледи

Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игљи Хасани денеска од Скопје, каде што е во официјална посета, порача дека албанскиот фактор придонесува и има неразделна улога во одржувањето на стабилноста на Северна Македонија.

Хасани, на заедничката конференција со неговиот македонски колега Бујар Османи, истакна дека Албанија го поддржува ангажманот на албанските политички субјекти во Северна Македонија и посочи дека изборот на првиот албански премиер во таа земја е симболичен показател за напредокот на земјата.

„Заедничкиот пат кон ЕУ ја зајакна соработката меѓу нас“, рече Хасани.

Според него, натамошното проширување и продлабочување на соработката меѓу двете земји е од витално значење за иднината на регионот.

Османи оцени дека Северна Македонија и Албанија се многу повеќе од добри соседи.

„Ние сме пријателски земји, со длабоки меѓусебни односи, со исклучително висока меѓусебна поддршка, партнери и сојузници – продолжуваме заедно кон нашите европски амбиции да ги видиме двете земји како полноправни членки на Европската Унија“, рече Османи.

Тој најави дека ова е една од главните теми на денешната средба.

„За жал, преговарачкиот процес во моментов е во застој за двете земји – и сакам да истакнам дека тоа е погрешно. Двете земји треба да ги продолжат преговорите и да ја забрзаат својата интеграција уште пред полноправното членство“, смета Османи.

Како што истакна, двете земји се сојузници во НАТО и 100 отсто во согласност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

На денешната средба на шефовите на дипломатиите на двете земји, според Османи, се зборувало и за економските односи кои, за жал, многу заостануваат зад одличните политички односи.

Слични содржини