Хасановиќ за „активирањето“ на УЧК пред изборите: ДУИ е за студија, но и ВМРО-ДПМНЕ не заостанува

Кој и што добива со оживување на лошите спомени од 2001: „ДУИ има една карта - етно-национализмот и иридентизмот“

од Nikola Popovski
548 прегледи

Дали војната од 2001 се користи за изборни цели: „ДУИ нема друга карта освен етно-национализмот, но и несреќните именувања на Стоиљковиќ и Богојески кои имаат јасни анти-албански ставови беше тотално непотребно и им ги потврди параноичните тези на функционерите од Мала Речица“

Дали војната во 2001 година се користи за изборни цели – ваква дилема се поставува откако во текот на последните денови се упатија повеќе пораки, со што дојде до сеќавање на црните денови пред 24 години, а во пресрет на локалните избори наесен. Сè почна од лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети  кој пред два дена говореше на протестот во Приштина, организиран од страна на Здружението на воени ветерани на УЧК, за да се изрази незадоволство од работата на Специјалниот суд во Хаг. Тој порача дека претставниците на Албанија и Македонија кои се во Советот на Европа се должни да побараат ревизија на Резолуцијата на Советот на Европа од 2011 година, бидејќи, како што изјави, од многу извори било докажано дека никогаш немало трговија со човечки органи од страна на ОВК и УЧК, поради што е побарано формирањето на Специјалниот суд. Протестот во Приштина се одржа „против неправдата“ што наводно ја извршил Специјализираниот совет на Косово во Хаг против поранешните водачи на ОВК и УЧК кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

На ова се надоврза и еден од лидерите на ВЛЕН и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити. Во објава на социјалните мрежи, тој изрази целосна поддршка на протестот и нагласи дека не сака да ја користи оваа, како што вели, голема кауза за изборни цели, бидејќи според него, борбата за слобода и правда е многу поважна од какво било политичко натпреварување. Сепак истакна дека „неговиот став беше и останува непоколеблив: Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“. Сето ова се совпадна со одбележувањето на 24 години од убиството на македонските бранители кај Карпалак, при што животите ги загубија десетмина прилепчани, резервисти на АРМ.

Дел од јавноста и општеството смета дека ДУИ има една карта, односно етно-национализмот и иридентизмот. Пред да критикува како партијата на Али Ахмети се служи со тоа, според аналитичарот Емир Хасановиќ, важно е да се напомене дека, како што вели, УЧК е државотворна организација во албанската историја бидејќи е одговор и израз на желба за остварување на права во недостаток на друг механизам во тогашна Југославија и понатаму и независна Македонија.

Емир Хасановиќ

-Тоа не е мој став – процентот на осудени Албанци во судството, регистирани случаи на насилство од страна на полицијата, квантитетот на Албанците во јавната администрација, образование, спорт, уметност говори за јасната дискриминација. УЧК мораше да се случи за да опстанат Албанците како народ и да можат да просперираат. Жално, но фактите се индиферентни, објаснува Хасановиќ за „Локално“.

За соговорникот, она што се случува денеска е навистина за студија.

-Како што напоменав претходно, ДУИ нема друга карта освен етно-национализмот. ДУИ впрочем е Ахмети – тој е единствениот кохезивен фактор таму. Не се ни зборува за неминовното прашање, што по него.  Јас не сум убеден дека господинот Ахмети разбира економски принципи како на Фридман или Кејнс, не сум сигурен дека следи што се случува на полето на вештачката интелигенција и се сомневам дека е во состојба да зборува елоквентно за глобалниот југ и улогата на оваа земја со новите геополитички и економски реалности, тврди Хасановиќ.

Според аналитичарот, оваа гарнитура му овозможи наАхмет и да зборува само за тоа што го знае. Смета дека отварањето на јазикот и отстранувањето на балансерот од страна на извршната власт која е потполно ненадлежна за овие прашања, морам да се изразам грубо, беше епохална глупост и политичка кусовидост.

-Понатаму, несреќните именувања на Иван Стоиљковиќ, Петар Богојески, и други поединци кои имаат јасни анти-албански ставови беше тотално непотребно и им ги потврди параноичните тези на функционерите на ДУИ. За жал, објективно се во право, анализира Хасановиќ.

Соговорникот смета дека клучно е да се напомене дека ДУИ не ја испрати ВМРО-ДПМНЕ во опозиција туку албанскиот народ. Хасановиќ потсетува дека Албанците изгласаа коалиција предводена од поранешен функционер на ДУИ кој јавно говореше за проблемите во таа партија и со својот магнетизам обедини голем дел од албанските политички фактори само поради желба за промена.

-Она што ДПМНЕ го направи е ја легитимизира опсесијата на ДУИ со нивните националистички тези. Не можам да потенцирам колку е тоа наивна стратегија која на крајот ќе штети на коалицискиот капацитет на ДПМНЕ со тек на време, а на краток рок го парализира конструктивниот дискурс во целата земја. ДУИ е за студија, но и ДПМНЕ не заостанува, заклучува Хасановиќ.

Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Зеќирија Ибрахими, реагираше со остра порака на социјалните мрежи во врска со учеството на Ахмети на протестот во Приштина. Тој праша зошто „Ахмети никогаш не организирал собир за заштита на војниците на УЧК во Македонија, и покрај тоа што бил на власт повеќе од две децении“.

Ибрахими го прашува Ахмети зошто никогаш не организирал „собир за УЧК“ во Македонија

За неколку денови од денеска ќе се одбележи 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот вооружен конфликт. Тој беше заверен во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“.

Во војната во 2001 година, загинаа 72-ца војници и полицајци. Многу од нив беа убиени во герилските операции на УЧК и во заседи. Точниот број на убиени борци на УЧК е сè уште непознат и тој варира од околу 100 до неколку стотици.

Вкупниот број на цивилни жртви е исто така прашање на претпоставки. Во книгата што Министерството за внатрешни работи ја објави за конфликтот, се вели дека УЧК убила десет цивили. Но, точниот број на убиени цивили во селата со албанско население, кои безбедносните сили во некои случаи силно ги гранатираа, е непознат.

Н.П.