Хашкото специјално обвинителство ги поднесе првите обвиненија против осомничени поранешни припадници на ОВК за злосторства извршени за време на војната во Косово, соопшти денеска Специјалното обвинителство.
Според изјавата, Обвинителството го замоли претседателот на специјализираните комори (Специјалниот суд) да назначи судии на претходна постапка кои ќе разгледаат дали обвиненијата ги исполнуваат условите и доколку има доволно докази, дали ги потврдуваат.
Одлуките на судиите во претходна постапка остануваат тајни сè додека не бидат потврдени.
Според информациите од здружението на поранешни припадници на ОВК, околу 250 поранешни припадници на ОВК дале исказ пред специјалното обвинителство, како сведоци или осомничени, пренесува Бета.
Меѓу оние што дале изјави се и тројца поранешни врховни команданти, команданти на оперативната зона, високи функционери, како што се поранешниот претседател на Собранието на Косово, Кадри Весели и поранешниот премиер, Рамуш Харадинај.