После читањето или скраја да е, слушањето на партиските соопштенија на Сдсм одлепени од реалноста и преполни со србофобија, квази оптимизам за пад на режимот и патетични компарации со демократската власт на Вмро-дпмне до 2016 година, прво најреално доминантно чувство е само песимизам за способноста на тоа друштво таму за елементарна објективна перцепција на реалноста, фактите и вистината. Потоа, напати после гротескните пресови од бихаќка директно се појавува како последица и безнадежност, чувство на целосно затворање на било каква темпорална перспектива за подобра економска, општествена и политичка иднина овде, во тажниот мициленд. Оние на Венко всушност предизвикуваат дополнителна, двојна негација на замислата за мициленд како нормално место за живот на планетата Земја, како дијалектичкиот закон за негација на негацијата наречена мициленд. Папсаноста на колективниот дух на Македонците и сите рационални форми на незадоволство и револт кон апсолутистичкиот, диктаторски режим кој објективно е најлошиот во последните 80-ина години овде, всушност се мултиплицира после тие соопштенија на Сдсм. Оние од Венковиот Сдсм денес се како современи Хегесијанци во мициленд – како да се персонификација на прочуениот Хегесиј од Кирена – тие преку своите зборови доведуваат нормален човек до очај, воспоставуваат негативен идеал на животот во симбиоза со нихилистичкото живеење на фактите на режимот и светот на секојдневниот живот. И така, магичниот круг на безнадежност наречена мициленд е апсолутна целина, а врапчињата како соопштувачи на вистината (Жижек) го потиснаа нашиот посакуван но само имагинарно претпоставен апсолутен дух на Македонско битие.
Споредено со бизарни историски отсечки мициленд денес наликува на Античка Кирена а според критериумот на вистината длабоко мрачните соопштенија на Сдсм потсетуваат, како можен ефект на интелектот кај нормалните луѓе кои се помалку ги има во мициленд, на зборовите од песимистичките предавања на Хегесиј кои тогаш дури поттикнале и многу самоубиства, или како Шопенхауеровите кои според некои записи имале ист таков ефект во „најлошиот од сите можни светови“, или како простачка верзија на „Федон“ од Платон поради кои Клеомброт од Амбракиј се фрлил во морето од градскиот бедем. Скраја да е свирепата реалност на мициленд екстраполирана и преку анти-смислата во партиските соопштенија на Сдсм да резултираат и со физички самоубиства, но нема сомнеж дека можат дополнително да ја урнисаат, докрај, сета и најмала надеж за можна иднина овде. Додуше кога ќе ги видите функционерите на Венко веројатно прва природна реакција е барем малку смеење – па зарем стварно некој се надева дека Маричиќ и Шукова и Фрчковски ќе не ослободат од режимот на дпмне мицовистичко?! – но работата е посериозна, импликациите врз светогледот на кутрите жители на мициленд може да биде сепак повеќе Хегесијанска. А дека Хегесиј воопшто не бил ефемерен како овие од Венково Сдсм доволно кажува фактот дека бил наречен „поттикнувач на смрт“ и Кралот Птоломеј ја забранил таа мрачна реторика, тоа реално влијание со зборови, таа тегобност која се диверзификувала во Кирена слично како овде во мициленд после читањето и слушањето на Сдсм.
Суверено егоцентричниот и егоистично рамнодушниот – а константно и тегобно апатичниот кон потребите и интересите на Македонците – режим во мициленд е таков токму и заради ваквиот сам по себе и за себе Хегесијански Сдсм, алтер егото на мицково дпмне. И навистина, што воопшто може жител на мициенд да помисли кога ќепрочита (а веројатно уште повеќе и ако ја слушне) следнава изјава на потпретседателот на Сдсм со симпатичен прекар „Доктор Коска“, Трајановски: „Сега кога ќе дојдете во централата на „Бихаќка“ ќе видите дека нема место каде да ја оставите колатa“ – освен да помисли на фаталната безнадежноста на сиот мициленд. Или пак кога ќе ја прочита изјавата лично на Венко: „Предвремени избори ќе има, власта нема да знае каде ќе бега“ – освен дека можеби универзумот се шегува со сите нас во мициленд. Таа сдсм-овска тотална неспособност (се разбира, во случај ако сето тоа не е уште една од бројните манифестации на некаков договор меѓу политичките сијамски близнаци Дпмне-Сдсм) да се види бездната на очајот и безнадежноста на злото кое го претставува мициленд е просто за неверување и негација на телеологијата на еден народ. Или можеби сепак сето ова што веќе две години ни се случува е само стадиум на Македонско Ничеанско враќање на историјата со жртвување на себеси на олтарот на сопствената пропаст као судбина и цел преку мициленд во неврат. Среде Орвелијанско стравовладеење, меѓу челични столбови на режимот преку поддршка од најважните центри на моќ и влијание – милионерите тајкуни, репресивниот апарат внатре целосно партизираните институции на системот, партиите на Албанското малцинство (дури и ДУИ, во континуитет после гласањето за нови министерства при конституирањето на режимот на дпмне мицковистичко), информативен мрак преку тотална доминација на режимот во медиумите, целосна окупација на сите димензии на општеството, нормализација на лагата како секојдневен модус вивенди односно како услов без кој повеќе не е ниту можно самото преживување во мициленд, удбашка лојалност на буџетарите кои речиси сите веќе се мициња (според формулата, прочуените зборови на Заев „од чистачка до директор“ кои дпмне ги реализира докрај во практика), паркингот на бихаќка транспониран како симбол делува како најочајно место кое само го овозможува создавањето и дифузирањето очај и Хегесијански атмосфера во мициленд, како дијалектичка негација на негацијата на Македонија. И ништо друго.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.