Првиот човек на ЦУК, СтојанчеАнгелов утрово информираше дека кон пожарот на планината Серта во неготинскиот дел, се испраќаат четири хеликоптери – двата наши армиски и едниот полициски хеликоптер, а на нив ќе им се приклучи и еден црногорски хеликоптер.
На територијата на општина Гевгелија, над село Негорци, се испраќаат два словенечки хеликоптери, додека на територијата на општина Ново Село, на планината Огражден, на самата бугарска граница, ќе бидат испратени еден турски хеликоптер и еден српски кој што носи 5 тони вода.
Нешто подоцна, како што додаде Ангелов, ќе полетаат и сите „ер-трактори“ – три на ДЗС и два турски, заедно со хрватскиот „канадер“ кон планината Серта, на територија на општина Штип, позади селото Драгојево.
-На сите места каде што ќе дејствуваат воздухопловите, на земја имаме противпожарни единици заедно со 100 војници на Армијата и 30-тина припадници на полицијата. Во 8:30 часот на аеродромот „Петровец“, ќе слета и авионот „херкулес“ од Романија, што носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион кој му служи како логистика, информира Ангелов во видео-обраќање.