Хелсиншки комитет за снимањето на повредените од Кочани: Инструкциите од МЗ може да се сфатат како институционален притисок

од Nikola Popovski
19 прегледи

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост поради апелот на Министерството за здравство до медиумите да не ги фотографираат или снимаат пациентите кои се лекуваат во болницата во Кочани, откако беа повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс”. Иако, како што велат, заштитата на приватноста и достоинството на пациентите е од голема важност, состојбата и условите во кои се лекуваат жртвите од оваа трагедија претставува највисок јавен интерес. Апелите што имаат за цел да ограничат медиумско покривање во вакви ситуации се проблематични и претставуваат потенцијален обид за институционално ограничување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.

-Со тоа Министерството ризикува да воспостави штетна пракса која може да води кон цензура и самоволни ограничувања на медиумската работа. Ја потсетуваме институцијата дека новинарската етика и професионалните стандарди се предмет на саморегулација и дека за овие прашања се надлежни телата како Советот за етика во медиумите и Судот на честа при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), порачуваат од Хелсиншки комитет.

Наведуваат дека Член 16 од Уставот на Република Северна Македонија гарантира слобода на изразување, како и забрана на цензурата. Вакви инструкции што доаѓаат од државни институции, дури и кога се претставени како апели, можат да се сфатат како форма на институционален притисок.

-Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за здравство да се воздржи од наметнување на неформални ограничувања врз работата на медиумите и ги охрабрува новинарите да продолжат да известуваат професионално, етички и со чувствителност кон жртвите – но и со јасно чувство за одговорност кон јавниот интерес. Демократијата се темели врз транспарентност и слободно и критичко информирање. Затоа, секој обид за ограничување на тие принципи претставува закана за правата и слободите на сите граѓани, стои во реакцијата на невладината организација.

Слични содржини