Херои од магистралниот пат: Македонски фудбалер најверојатно спаси повеќе животи по големиот верижен судар во Србија(ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Сцена како од хорор филм на северот на Србија. Вчера околу 14 часот се случи верижна сообраќајна несреќа и голем верижен судар на магистралниот пат Суботица – Бачка Топола, во којa учествувале дури 12 возила, меѓу кои и камион.

До несреќата дошло како последица на силен ветер кој носел земја и прашина од околните ниви и создал песочна бура, па видливоста на тој дел од патот била минимална. За среќа немало жртви, јавуваат српските медиуми. Делумно веројатно поради фактот што петмина фудбалери на ТСЦ од Бачка Топола, меѓу кои и нашиот Мартин Мирчевски, спречиле поголема трагедија.

Мартин Мирчевски

-Кога се враќавме од тренинг наидовме на песочна бура, па ја намаливме брзината и застанавме покрај патот. Видовме верижен судир и потоа излеговме од автомобилот за да ги запреме возилата што доаѓаа, бидејќи ништо не се гледаше, а возачите не можеа ни да предвидат што има пред нив. Бевме петмина: Атнониќ, Чалушиќ, Филиповиќ, Мирчевски и јас. Се надевам дека барем малку ја ублаживме катастрофата што се случи. Им посакувам брзо закрепнување на сите повредени, изјавил офанзивниот играч за врска на клубот и соиграч на Мирчевски, Ифет Ѓаковац.

Шестмина патници се префрлени во Општата болница во Суботица и ниту еден од учесниците во оваа сообраќајна несреќа нема потешки повреди.

Мирчевски од лани е член на ТСЦ Бачка Топола, а претходно настапуваше за Академија Пандев.

Слични содржини