Херојот Јован Костадинов ќе добие стипендија

од Nikola Popovski
210 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски вчера се сретна со 19-годишниот Јован Костадинов од Виница, кој спаси 21 лице од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Мицкоски на Фејсбук напиша дека денеска се сретнал со Костадинов, младиот виничанец, кој, како што истакна, „покажал што значи храброст, одговорност и хуманост во најтешкиот момент“.

„Јован на само 19 години влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот. Без размислување, со голема присебност и посветеност, направи нешто што ретко кој би се осмелил да го направи“, објави премиерот покрај фотографиите од средбата со младиот човек.

Посочи дека Јован не е само херој на оваа трагедија, туку и симбол на новата генерација која знае да направи разлика.

„Од неговиот чин учиме како да се биде човек, како да се биде достоинствен и несебичен во време кога е најважно“, напиша Мицкоски.

Тој додаде дека бил информиран дека Јован Костадинов ќе добие стипендија како признание за неговата храброст и хуманизам и дека „Алкалоид“ како општествено одговорна компанија ја презела таа иницијатива.

„Јован е светла точка во деновите на темнината, неговото име ќе остане запаметено, а неговиот пример треба да биде уште поголема инспирација да бидеме подобри, посилни и похрабри граѓани на нашата Македонија“, нагласи премиерот.

Костадинов беше пречекан со аплауз за неговата пожртвуваност и храброст во неговото средно училиште „Ванчо Прке“ во Виница.

„Со длабока емоција и бескрајна гордост ви ја пренесувам веста дека Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата во пожарот во Кочани, конечно се врати дома“, напиша на Фејсбук министерот за здравство, Арбен Таравари.

Во пожарот загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Пожарот избувна во неделата, на 16 март во 2:30 часот утрината, поради употреба на пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“. Подоцна се увиде дека имало голем број пропусти и коруптивни активности околу лиценцата на дискотеката.

Слични содржини