Херојот на Турција се вмеша во огромен скандал, УЕФА ќе истражува

од Vladimir Zorba
51 прегледи

Херојот на Турција во победата од 2:1 над Австрија на УЕФА ЕУРО 2024, Мерих Демирал се вмеша во огромен скандал. Дефанзивецот на Ал Ахли ги постигна двата гола за успехот на својата екипа, но во прославата на еден од нив со двете раце го направи симболот на Сивите волци – расистичка, ксенофобична, националистичка екстремно десничарска паравоена организација со потекло од Турција.

Неговиот гест налути многу фанови во Германија и Австрија, кои повикаа да добие доживотна забрана.

Во Австрија знаците за „сиви волци“ и „поздрав на волкот“ се забранети од март 2019 година, а во Германија за нивната забрана се зборува долго време.

Дефанзивецот уште повеќе го „запали фитиљот“ откако на социјалните мрежи прикачи своја фотографија од натпреварот со поздравот.

УЕФА веќе започна истрага против Турчинот.

„Во врска со натпреварот од осминафиналето на Европското првенство на УЕФА помеѓу Австрија и Турција, одигран на 2 јули 2024 година во Лајпциг, Германија, отворена е истражна постапка во согласност со член 31(4) од Дисциплинските прописи на УЕФА во врска со наводно недолично однесување на играчот на турската фудбалска федерација, Мерих Демирал“, стои во официјалниот став на централата.

Слични содржини