Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил денеска изјави дека Вашингтон сигурно ќе ја разгледа идејата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин би можеле да се сретнат во Србија.
„Видов дека претседателот го изрази своето мислење. Очигледно, идејата ќе се разгледува во Вашингтон“, изјави Хил за новинарите на приемот организиран од министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ за амбасадорите и шефовите на мисиите по повод Јулијанската Нова година.
Хил додаде дека се уште не слушнал ништо од Вашингтон во врска со предлогот.
„Но, ќе кажам дека секогаш кога претседателот Вучиќ има размислувања за некоја тема, луѓето многу внимателно ги разгледуваат тие мисли. Тоа е сè што навистина можам да кажам, бидејќи тоа беше новост за мене“, рече Хил.
На прашањето каков е неговиот личен став за предлогот на Вучиќ, Хил вели дека не е подготвен да го коментира.
„Сè што можам да кажам е дека луѓето во Вашингтон, сигурен сум, ќе ја разгледаат таа идеја“, рече Хил, кој го завршува својот мандат во Белград следната недела и се враќа во САД.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека Србија е заинтересирана да биде место за средба меѓу Путин и Трамп.