Хирурзите во Британија лансираа нова техника за користење на печатени 3Д модели на црн дроб на пациенти за да им помогнат во изведувањето на сложени хируршки процедури.
Лекарите од Универзитетската болница Саутемптон, поддржани од организацијата Planets Cancer Charity развија модел прилагоден на секој пациент за планирање операции и обезбедување на најдобри резултати пред да се преземат неповратни чекори за време на операцијата.
Податоците од CT и MRI снимките на пациенти со хиларен холангиокарцином, тип на рак на жолчните канали, се користат за создавање детални физички модели.
Хирурзите потоа ги анализираат за да утврдат дали Клатскиновиот тумор може безбедно да се отстрани, одлука што претходно не можеше да се донесе додека операцијата всушност не беше во тек.
Подобро разбирање и третман
„Печатените 3Д модели се повеќе се користат за да помогнат во донесувањето одлуки пред и за време на операцијата и за подобро разбирање на анатомските односи на туморите во структурите на органите“, рече Арџун Тахар, хирург специјализиран за рак на панкреасот.
„Со овој особено предизвикувачки рак понекогаш не можеме да кажеме до последен момент дали туморот може безбедно да се отстрани или не. Понекогаш хирурзите ќе преземат неповратен чекор и потоа ќе откријат дека туморот не може целосно да се отстрани, што резултира со лоши исходи за пациентите, краткорочно и долгорочно“, рече тој.
„3Д печатењето нуди предност за проценка на туморот и неговата околина, како што се крвните садови и жолчните канали, пред да се изврши вистинската операција“, вели Тахар.
„Проценка на операбилност без операција“
„Целта на пилот-проектот е да се процени дали ова овозможува проценка на оберабилноста без ‘отворање’ на пациентот“, тврди Тахар.
Има дополнителна придобивка, 3Д моделот исто така може да помогне да се едуцираат помладите хирурзи за нијансите на анатомијата на црниот дроб во однос на овие сложени тумори.
„Ова е единствена можност да се користи нова технологија за пациенти со тешка болест, а ние очекуваме усвојување на технологијата и кај пациенти со други тумори“, рече Тахар.