Портпаролот на коалицијата ВЛЕН, Фари Хисени денеска го повика владиниот партнер ЗНАМ да излезе од реториката на изборната кампања.
Хисени, обраќајќи им се на претседателот на оваа партија, Максим Димитриевски, и на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, рече дека на крајот на краиштава, движењето не е некој голем фактор во владата и дека треба да внимава.
„Ќе ја искористам приликата да им порачам и на Димитриевски и на Минчев да ја напуштат кампањата, ние не сме во кампања. Нека се однесуваат како владини функционери, нека се однесуваат како извршна власт и нека не ја користат приликата за политички разлики и поени, бидејќи тие не се фактор во оваа власт“, рече Хисени.
Министерот Минчев денеска повторно појасни дека „балансерот“ бил општо злоупотребуван.
„Македонци се пишувале Албанци, Албанци се пишувале Македонци, а припадници на другите етнички заедници се пишувале Македонци или Албанци со цел да се вработат во јавните институции. Вчерашниот мој коментар е да има почитување и спроведување на законите. Балансерот се однесува исклучиво на жителите на граѓаните кои што се на територијата на Македонија и јас како министер нема да отстапам од почитување на законите“, изјави Минчев откако вчера од коалицискиот партнер ВЛЕН повторно беше прозван.
Вели дека било каков коментар од колегите од ВЛЕН е беспредметен.
„Никој не е индивидуалец во оваа Влада и ова се закони кои ќе ги донесе Парламентот по предлог на Владата. МЈА е носител на овие законски решенија“, рече Минчев, одговарајќи на новинарски прашања.