Познатиот британски актер Хју Грант остро ги критикуваше „луксузните приватни училишта“ што ги посетуваат неговите деца, нарекувајќи ги нивните правила „патетични“ и изразувајќи незадоволство од времето што учениците го поминуваат пред екраните.
На настанот „Close Screens Open Minds“ што се одржа оваа среда во лондонското училиште „Knightsbridge“, 64-годишниот актер се опиша себеси како „уште еден лут родител кој води вечна, исцрпувачка и депресивна битка со деца кои само сакаат да бидат пред екран“.
„Тие се оние кои велат дека нема да играат надвор денес затоа што врне дожд или дека не можат да се качуваат по скали на игралиштата бидејќи е ветровито“, рече Грант, додавајќи дека верува оти е потребно „херојска школа“ за да се промени воспоставениот модел.
Актерот го наведе моментот кога училиштето гордо објави: „На секое дете му даваме Chromebook, а тие многу од часовите ги учат на Chromebook, и сите домашни задачи ги прават на Chromebook“, како „последна капка“.
„Помислив – тоа е последното нешто што им треба и последното нешто што ни треба нам“, рече Грант.
На настанот присуствуваа и американскиот социјален психолог д-р Џонатан Хајдт и братучедката на кралот Чарлс III, Софи Винклман, кои се залагаа за забрана на паметни телефони за ученици под 14 години. Д-р Хајдт нагласи дека социјалните медиуми треба да бидат забранети за ученици под 16 години поради „епидемија на ментални болести“ кај младите луѓе.
Грант, татко на пет деца, ги повика родителите да се приклучат на иницијативата против прекумерната употреба на технологијата во училиштата: „Кога ќе добиете критична маса родители кои се огорчени поради EdTech, тогаш политичарите почнуваат да слушаат затоа што се плашат од неа. Тоа е исто така моментот кога училиштата почнуваат да слушаат бидејќи се плашат дека ќе ги изгубат учениците и работните места.“
Хју Грант има три деца со сопругата Ана Еберштајн и две од претходната врска со Тинглан Хонг, а е и кум на синот на неговата поранешна девојка – Елизабет Харли.