Државниот инспекторат за труд поднесе кривична пријава против работодавач за несреќа при работа со смртни последици, на локација во Куманово. Хелсиншкиот комитет ја следи ситуацијата во областа на безбедноста и здравје при работа и континуирано бара информации од ДИТ за регистрираните случаи на повреди при работа. Ова е втор случај, за кој Инспекторатот нè извести дека е поднесена кривична пријава против работодавач врз истите основи: неизвршени здравствени прегледи и неспроведување соодветна обука од областа на безбедност и здравје при работа.
Недостигот на таква обука е честа причина за несреќи на работното место. Таков е и споменатиот случај со кобни последици врз 22-годишниот А.Д, општ работник во фирма од Скопје, што била ангажирана како изведувач на работи во фабрика од Куманово. Неупатеноста на работникот во однос на безбедносните ризици на работното место, се согледува и во описот на овој случај за кој нè информираше подрачната единица на Државниот инспекторат за труд во Куманово:
По завршената работа, одговорното лице му кажало на сега починатиот да го собере алатот со кој работеле … работникот сакал да го собере продолжниот кабел, кој го користеле за време на работа, а кој бил со должина од 50 метри … откако видел дека кабелот бил заглавен по конструкцијата на производната хала, се качил по конструкцијата на халата, а не по скалите кои биле за таа намена. Го ослободил продолжниот кабел и сакал пак да се спушти по истиот пат од каде се качил, но во тој момент најверојатно ги фатил водовите од електричната струја кои служеле за напојување со струја на крановите, кои биле во халата, при што паднал на земја од висина од пет метри и починал на самото место.
Секојдневно умираат работници како резултат на професионални несреќи или болести поврзани со работата – Меѓународната организација на трудот (МОТ) проценува дека се случуваат повеќе од 2.78 милиони смртни случаи годишно. Дополнително, секоја година се случуваат околу 374 милиони повреди поврзани со работата.
Како дополнување на веќевоспоставените мерки за спречување и контролирање на штетите и ризиците при работа, потребно е да се развијат и применуваат нови стратегии и решенија за заштита на работниците. Овие решенија треба да се засноваат на колективното знаење, искуството и добрите практики во оваа област. Иако постојат ефективни правни инструменти, методологии и мерки за спречување на несреќите при работа, неопходно е зголемување на општата свест кај сите за значењето на соодветната примена на овие алатки.
Глобалната стратегија за безбедност и здравје при работа на МОТ посочува дека е неопходно постоење на национална превентивна култура на безбедност и здравје при работа. Тоа е онаа култура во која се почитува правото на безбедна и здрава работна околина на сите нивоа и каде што владите, работодавачите и работниците активно учествуваат во обезбедување безбедна и здрава работна средина преку систем на дефинирани права, одговорности и должности, а на принципот на превенција му се дава најголем приоритет.
Имајќи ја предвид ваквата состојба на терен кај нас, се надеваме дека поднесувањето кривични пријави од страна на ДИТ за несреќите при работа со фатални последици, ќе претставува значаен чекор во превенцијата на идни трагични инциденти. Работодавачите мора да станат свесни дека законите и правилниците за безбедни работни услови не смеат да останат само на хартија, туку нивната имплементација треба да биде дел од секојдневната работна динамика.