Пратеникот на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај, оцени дека договорот во Охрид е најголемата загуба за Косово од Рамбује и додаде дека косовскиот премиер Албин Курти забележал нов пораз на средбата во Охрид, пренесува „Репортери“.
„Мислам дека ситуацијата која ја имаме со последниот договор е сериозна“, предупреди Хоџај на седницата на Собранието.
Тој рече дека Курти се вратил од Охрид со непотпишан и усмен договор кој, како што вели, требало да биде меѓународен договор.
„Имаме договор без потпис, нема што да ратификуваме. Кога Србија е дел од меѓународниот систем, а ние само делумно сме во меѓународниот систем, договорот кој требаше да биде меѓународен заврши како вербален“, рече Хоџај.
Според него, Курти отишол во Охрид со претпоставка Србија да го потпише договорот, но, додава, српската страна ги убедила посредниците дека нема потреба од потпишување.
„Тоа беше повеќе изјава за несогласување отколку договор. Вака завршува кога имаш премиер кој не го следи националниот интерес, кога преговара без стратегија, сценарио и без тим“, објасни Хоџај.
Тој рече дека „Србија има план да ги убеди посредниците да ја изгубат довербата во Косово“.