Ходаи: Државните институции го испочитуваа договорот за државната матура

од Nikola Popovski

Бленди Ходаи, досегашниот претседател на Сојузот на средношколци, од Тетово истакна дека бил испочитуван договорот со државните институции кој го направија токму поради тоа што цела година мина со онлајн настава, а ланската генерација поради пандемијата воопшто не полагаше државна матура.

„И самиот се уверив дека сѐ што беше договорено се испочитува. И материјалот кој се предаваше преку онлајн настава не беше застапен во прашањата на државната матура, туку имаше материјал претежно од наставната програма која ни се предавала додека сме биле физички присутни во училиштата, а и тоа беше дел од нашето барање. Задоволни сме од тоа што го постигнавме и ова е навистина почитување на договор, а не како некои договори само се потпишуваат а не се реализираат во пракса“, изјави Ходаи.

Со маски и половина исполнет капацитет во училниците, над 15.000 матуранти полагаа мајчин јазик и литература. Полагањето почна на време, а учениците имаа четири часа да го решат испистот.

Министерката Царовска е задоволна од организацијата на државната матура во услови на пандемија. На средношколците им порача натамошниот циклус на образование да го продолжат според сопствените афинитети и знаења.

„Покажавме дека како држава можеме да  имаме да имаме образование кое во континуитет се одржува целата учебна година и во време на пандемија. Но, исто така покажавме дека знаеме и можеме безбедно да спроведеме матурски испит, што укажува дека се одржуваме во стандардите коишто се дел од европските и развиените земји“, вели министерката за образование Мила Царовска.

Слични содржини