Овој протест не е партиски поттикнат. Време е конечно да излеземе од матрицата дека секој протест е поврзан со некоја политичка партија, вели во изјава за „Локално“ претседателот на Форумот за образовни промени и студент на Филозофскиот факултет, Бленди Ходаи.
Ходаи испраќа јасна порака дека протестот не е инициран од ниту една политичка партија, туку, според него, претставува израз на револтот на граѓаните кои се уморни од неправда и нефункционален систем што директно одзема човечки животи. Тој потенцира дека барањето правда за 134-те жртви не смее да се третира како партиска агенда, туку како човечка и морална обврска што никој не смее да ја игнорира.
„Не, ова е протест на народот, на граѓаните кои се уморни од неправда, од систем што не функционира и што директно чини човечки животи. Нула толеранција за корупцијата што убива, нула молк и страв. Барањето правда за 134 жртви не може и не смее да се третира како партиска агенда – тоа е човечка и морална обврска“ изјави Ходаи.
Тој смета дека студентите треба да ја преземат својата улога во општествените промени и активно да се вклучат во протестите. Ходаи нагласи дека младите мора да ја искористат оваа можност, бидејќи, како што вели, ова е последната шанса за системски промени.
„Да, потребна е, но пред сè, студентите на факултетите сами треба да се активираат. Тие веќе ги имаат своите студентски собранија – највисоката форма на студентско организирање во државата. Преку тие структури, студентите треба да се организираат и да се вклучат во протестите. Време е да ја преземат својата улога како глас на промените. Ова, пред сè, е последната шанса за младите да бараат системски промени, пред да одлучат дека не сакаат повеќе да живеат тука и дека треба да се иселат“ изјави Ходаи.
Реакциите на Ходаи и студентите во државава доаѓаат по трагичната несреќа во Кочани, во која животот го загубија 59 лица, а повеќе од 180 беа повредени. Од првиот момент кога јавноста дозна за трагедијата, болката за загубените животи беше проследена со гнев и разочарување. Студентите бурно реагираа на причините што доведоа до оваа катастрофа – долгогодишни институционални пропусти, недостаток на одговорност и системска корупција што ја поткопува безбедноста.
Ситуацијата ескалираше откако студентското собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ организираше отворен час, на кој присуствуваа министерката за образование Весна Јаневска и ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова. По говорот на министерката, студентите продолжија да негодуваат и да скандираат, изразувајќи го својот револт.
Овој настан ги разгоре поделбите меѓу студентските организации. По серијата обвинувања меѓу различните студентски организации, за денес се најавени протести пред платото на УКИМ, организирани од Независниот студентски сојуз, кој протестот го нарекува израз на револтот против системската неправда.
„Локално“ контактираше студенти од неколку факултети, кои имаат различни ставови за протестите.
Антонио, студент на Филозофскиот факултет, изјави дека сите протести во државата имаат политичка позадина и изрази сомнеж дека овој ќе биде искористен за политички цели. Од друга страна, Шериф, студент на Природно-математичкиот факултет, рече дека се двоуми дали да ги поддржи протестите, бидејќи е скептичен дека различни партии би можеле да ги злоупотребат. Тамара, студентка на Филолошкиот факултет, пак, смета дека протестите треба да се поддржат, бидејќи студентите се двигатели на општеството, а нивниот глас мора да се чуе за да се промени трулиот систем што со децении ја уништува иднината во државата.
Протестот е закажан за денес во 13:00 часот пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Организаторите – Независниот сојуз на студенти – преку објава на социјалните мрежи порачаа дека нема да дозволат да бидат замолчени и дека пленумот ќе се одржи како што е предвидено.
Д.Ѓ