Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа денеска уште еднаш повтори дека додека тој го води Министерството, политика во земјоделството нема да има и производителите нема да се делат по таква основа.
Нема да дозволиме како завчера, поединци политички да профитираат на сметка на лозарите, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.
Хоџа рече дека е во постојана комуникација со лозарите и ништо од ветеното не е надвор од рамките на она што е разговарано.
-Точно е дека сум разговарал со винарските визби за поголема цена од ланската и точно е дека поголемите визби тоа го почитуваат. Има и такви што не го почитуваат, затоа свикав состанок само со визбите во средата, за да разговараме зошто е тоа така. Со оглед дека уште сме на почеток, нормално повеќето визби се уште не почнале со откуп. Затоа за мене е несфатливо уште на почеток на откупот да се прави обид да се профитира политички на грбот на лозарите, потенцира министерот.
Според него, вчера, тие што имале добро грозје и чиј откуп бил договорен, го предале во „Тиквеш“.
-Сметам дека откупот непречено ќе се одвива. Врз основа на информациите од терен и квалитетот на родот, очекувам дека нема да остане ниту килограм гројзе, а по среда, освен визбите што откупуваат, очекувам да се приклучат и другите и да се придржуваат до цените, 11 денари за „смедеревка“ и 13 за „вранец“. Будно и внимателно ја следиме ситуацијата, ако има потреба ќе дејствуваме како држава. Но, моја работа како министер е да воспоставиме ред меѓу лозарите и откупувачите, да не треба секоја година државата да одвојува огромни средства за оваа гранка. Ако е тоа потребно, ќе го направиме, но ако не е, нема да дозволиме преку обиди како завчера, да се профитира политички на грбот на лозарите, истакна Хоџа.