Хоџиќ: Русија има поголем потенцијал да предизвика криза во БиХ, отколку во Црна Гора или С.Македонија

од Берта Китинска

Долги години наназад Русија, преку највисоките функционери, проширувањето на НАТО со Црна Гора, Северна Македонија и БиХ, го карактеризира како непријателско однесување. Сетете се само на негативните коментари на Лавров кога прво Црна Гора, потоа и Северна Македонија стануваа членки на НАТО. Следна во процесот на приклучување кон НАТО е и Босна и Херцеговина. Русија едноставно не го почитува правото на секоја држава да може самостојно, суверено и согласно своите интереси да одлучи во кој правец ќе се движи, во каков сојуз ќе влезе. Впрочем, Русија неодамна на списокот на непријателски држави ги има ставено и Црна Гора и Северна Македонија вели во разговор за „Локално“, Џелал Хоџиќ, претседател на Странка на демократска акција на Македонија – (СДА).

Заканата на Русија кон БиХ дека ќе селди украинско сценарио доколку одлучи да се приклучи на НАТО, според Хоџиќ треба да биде сфатенa сериозно затоа што Русија има поголем потенцијал да произведе криза во БиХ, од оној што го има во Црна Гора или Северна Македонија.

-Босна и Херцеговина, во делот на надворешната политика, има усвоено политика во која членството во НАТО, како и членеството во ЕУ е стратешки интерес на државата. Во законот за одбрана, БиХ јасно се има обврзано дека ќе ги спроведува сите неопходни реформи со цел што побрзо да стане дел од НАТО. Овие одлуки босанските институции ги имаат донесено со консезус, според законите кои произлегуваат од Уставот на БиХ и Дејтонскиот договор, со мнозинство од преставниците на Бошњаците, Србите и Хрватите. Таквите одлуки се се уште на сила.Заканите на Русија кон БиХ треба да бидат земени сериозно во предвид, затоа што Русија има поголем потенцијал да произведе криза во БиХ, од оној што го има во Црна Гора или Северна Македонија. Сепак, дури и во најлошите сценарија, руската политика во БиХ ќе доживее пораз, затоа што како и во Црна Гора и Северна Македонија, мнозинството граѓани на БиХ се јасно определени за независна, демократска БиХ, интегрирана во НАТО и ЕУ, објаснува тој додавајќи:

„Таа сила ниту може да биде сопрена, уште помалку уплашена во својата цел за создавање на функционална држава. Па макар се заканувала и Русија. Дополнителено, зато што агресијата на Русија врз Украина не оди според плановите на Путин и Лавров, додека БиХ има јасно изразено партнерство со САД, НАТО и ЕУ“.

За тоа дали своите намери Путин може да ги оствари со помош на Додик, претседател на СДА смета дека српскиот претставник кој долги години, како најголем партнер на Путин на Западен Балкан, се обидува да ги промени, оспори, спречи или одложи политиките на институциите на БиХ за членство во НАТО.

-Да биде иронијата уште поголема, неговата партија и неговите функционери гласаа за законот во кој стои дека БиХ ќе прави се што од неа се бара за да стане членка на НАТО. Додик се обидува да го врати времето назад, да ги врати назад сите остварени реформи во Босна и Херцеговина, но сето тоа без политичка сила да ги промени донесените политики во институциите на БиХ. Нервозата во неговиот неуспех ја манифестира со непочитување на Уставот на БиХ, создавање на разни политички и општествени кризи, како и најави за растурање на државата Босна и Херцеговина, со прогласување на независност на еден од двата ентитета. Уставот на БиХ и Дејтонскиот договор не дозволуваат можност за ентитетите да превземаат државни надлежности, или уште помалку да имаат право да прогласат независност. САД, ЕУ и НАТО исто така цело време одговараат дека нема да дозволат нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Во последните месеци може да се види дека Додик има мало ретерирање во својата реторика, иако нервозата му е и понатаму присутна, објаснува тој.

Според Хоџиќ, Путин има моќ, преку својот најблизок соработник на Западен Балкан, да произведе конфликт во БиХ, како што вели тој рускиот претседател нема моќ на Додик да му гарантира победа во тој конфликт, исто како што Додик нема моќ да му ги гарантира размерите и временската рамка на конфликтот кој би го продуцирал во БиХ.

-Зошто на Путин би му требал конфликт во БиХ? Па да направи конфликт во дворот на Западот, со тоа повторно да се обиде да го наруши единството во Западниот блок, да добие време и матерајл за пазарење за териториите во Украина. Тоа се доволни мотиви за Путин, а знаејќи го сето ова, тоа е доволно и за понатамошна политичка нервоза на Додик. Додик се плаши од одговорот на босанските патриоти во конфликтот кој би го продуцирал.Додик е веќе на црните листи на САД, му се спремаат санкции и од ЕУ. Во крајна линија Путин на Додик може да му гарантира само азил во Русија.Додека БиХ црвсто оди на патот кон НАТО и ЕУ и друга алтернатива нема, подвелкува Хоџиќ.

На прашањето дали можеби БиХ, заедно со Косово треба да застанат на „брза лента“ за членство поради заканите за регионот, првиот човек на СДА вели дека ЕУ веќе долги години го губи кредибилитетот со сите држави на Западен Балкан, потенцирајќи дека Европската перспектива на сите држави од Западен Балкан е стопирана поради пораст на национализмот во државите од ЕУ, како и немањето внатрешен консенсуз и единство околу кучните прашања важни за ЕУ.

-Да ве потсетам само на однесувањето на политичарите од типот на Орбан од Унгарија, Јанша од Словенија, Салвини од Италија и Милановиќ од Хрватска. Далеку од она што се подразбира под европски вредности. На Западот му станува јасно дека мора да ја заокружи оваа дупка која е останата на Западен Балкан. САД и ЕУ немаат луксуз и понатаму да ги остават БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Албанија на ветрометина и негативно влијание од Русија и Кина. Ниту ЕУ е целосна без државите од Западен Балкан, ниту НАТО треба да си дозволи да ги остави БиХ и Косово надвор од сојузот, под закани од Русија, која сака и на Западен Балкан да ја отвори пандорината кутија со промена на граници по етнички принцип. Брзото членство на БиХ, која е веќе во МАП програмата на НАТО, и Косово во најмоќниот воено-политички сојуз дополнително би го стабилизирале Западен Балкан, смета тој.

Сепак агресијата на Русија врз Украина, според Хоџиќ носи нов геополитички момент, за која, како што вели тој, цврсто верува дека администрацијата на Бајден, која успева повторно да го обедини Западот наспроти агресијата на Русија врз Украина, ќе успее со своите партнери, Велика Британија, Германија, Франција и цела ЕУ да донесе нов политички контекст кој ќе значи „брза лента“ за цел Западен Балкан.

-Тоа подразбира во следната деценија БиХ, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Албанија да бидат дел и од ЕУ и од НАТО. Дали Србија ќе се приклучи на “брзата лента“ зависи дали после изборите таму Вучиќ ќе има сила да му каже историско „не“ на Путин. Нешто за кое не сум оптимист, пред се поради рускиот центар во Ниш, вели тој.

Б.М.

Слични содржини