Хоџиќ: Додик со неговите луѓе во СИПА ја исценираa синоќешната претстава со цел да создадат перцепција дека државната агенција е послаба од ентитетската полиција

Владата во која Додик има контролен пакет и право на вето, засега не е во можност да изгласа нов директор на СИПА, вели претседателот на СДА Македонија за „Локално“

од Nikola Popovski
239 прегледи

Колку за потсетување, Сараево е главен град на цела држава БиХ и се наоѓа во еден од двата ентитета, кој се вика Федерација БиХ. Источно Сараево е општина, која се наоѓа во друг ентитет Република Српска.

Зошто СИПА има проблем да го уапси Додик?

За дел од познавачите на состојбите, Додик е премногу долго на власт во БиХ и негови луѓе се во сите институции на државата. Според Џелал Хоџиќ, претседател на Странка на Демократска акција на Македонија (СДА), СИПА се наоѓа во една специфична ситуација, бидејќи како што вели, актуелниот директор – кадар близок до Додик – си поднесе оставка.

-Владата, во која Додик има контролен пакет и право на вето, засега не е во можност да изгласа нов директор на СИПА. И тоа е една чудна спрега на актуелната власт, помеѓу Додик, Човиќ и партиите од коалицијата „Тројка“. Додик со неговите коалициски партнери во власта едноставно се обидуваат да го спречат владеењето на правото, рече Хоџиќ во разговор за „Локално“.

На прашањето дали синоќешната претстава со обидот за апсење е со цел да се создаде претстава дека институциите работат, соговорникот цени дека неговата проценка е во обратна насока.

-Сметам дека Додик со неговите луѓе во државната агенција СИПА ја исценирале синоќешната претстава со цел да создадат перцепција дека државната агенција СИПА е послаба од ентитетската полиција. Што во суштина не е случај, но на Додик му е потребна таа перцепција, кажа Хоџиќ.

Според него, тоа претставува ново ниво на кризата. Сепак, вели дека е убеден дека Додик ќе биде уапсен, кога најмалку очекува, ако претходно не избега.

-Тоа очекувам да се случи во еден простор кога конструктивните структури во СИПА ќе направат проценка со силите на меѓународниот фактор и ќе организираат акција, во која полицијата на помалиот ентитет ќе биде неутрализирана во обидот на Додик да ги впрегне против државата и да создаде момент од кој би произлегол инцидент, наведува претседателот на СДА Македонија.

За тоа дали гледаме страв од конфликт на државно ниво, па поради тоа не се отиде чекор понатаму при синоќешниот обид, Хоџиќ кажа дека не би рекол дека се работи за страв од конфликт.

-Внимателност да не се произведе конфликт секако дека има, но тоа не е страв. Се работи за внимателност, затоа што Русија преку Додик долго време се обидува да направи атмосфера на конфликт и обид за вклучување и на Србија во еден таков конфликт. Но, во БиХ има веќе меѓународни војници, кои не би дозволиле развивање на конфликтот. Во БиХ има и доволно патриотски сили кои имаат јасен план како да дејствуваат во случај на конфликт. Се случува потребна внимателност да не се влезе во посакуваните сценарија на Додик и неговите политички ментори од Москва, истакнува соговорникот и додава дека нема простор Додик веќе политички простор да опстане на политичката сцена.

-Прашање на време е или кога ќе избега или ќе биде уапсен во вистинска акција на делот на структурите во институциите кои тој не ги контролира, дециден е Хоџиќ.

Запрашан дали официјален Белград има одредена вмешаност во целата ситуација, претседателот на СДА повторува дека Додик има за цел да иницира конфликт во кој би го вклучил и Белград.

-Додик е тој кој моментално со своите активности дури и му диктира темпо и на официјален Белград. Не сум сигурен дека Вучиќ е многу среќен поради тоа. Ќе видиме деновиве што ќе покажат анализите и евентуално истрагите кој се беше вклучен во вчерашниот театар. Тука се поставува и другото важно прашање: Каква ќе биде реакцијата на официјален Белград кога Додик ќе избега или ќе биде уапсен, прашува Хоџиќ.

Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит денеска ги суспендираше сите буџетски средства за финансирање на политичките партии СНСД и Обединета Српска, кои се наменети за сите нивоа на власт во БиХ. Како што рече, средствата ќе бидат суспендирани и пренасочени на посебна сметка во Централната банка на Босна и Херцеговина.

„Оваа одлука ги поддржува напорите на институциите на БиХ да се спротивстават на нападите на владејачката коалиција од РС врз основните принципи и уставниот поредок на БиХ. Раководството на Обединета Српска и СНСД водат во овие акции. Нивните постапки се спротивни на почитувањето на Дејтонскиот договор“, рече тој. Додаде дека територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ се неспорни.

Во меѓувреме, се огласи и Додик. Уште еднаш остро го критикуваше Шмит, оспорувајќи го неговиот легитимитет и надлежности и рече дека РС нема да почитува никаква одлука што ќе ја донесе.

Додик го нарече Шмит „лажен гувернер“ и „фашист“, нагласувајќи дека законите и одлуките што тој ги наметнува се против Уставот на Босна и Херцеговина и дека немаат правна основа.

„Кристијан Шмит нема легитимитет, нема права и авторитет. Нашите бошњачки партнери го прифатија неговиот авторитет бидејќи тој е против нас во РС, но тоа најмногу му штети на опстанокот на самата Босна и Херцеговина. Ниту една земја не преживува ваква интервенција“, рече Додик.

„Решението е ФБиХ да ни го предаде Шмит за да можеме да се справиме со него, да го процесираме, да го затвориме во нашите затвори и да му судиме. Ако е тука, ќе го уапсиме. Решението е Шмит и одлуките надвор. Потоа ќе ги прекинеме нашите дела кои беа реакција и ќе започнеме преговори за можна БиХ“, додава лидерот на босанските Срби.

Н.П.

Слични содржини