Претставници на холандската држава в понеделник ќе се појават пред Окружниот суд во Хаг под обвинение за соучесништво во воени злосторства во Газа, поднесенo од организации за човекови права за извоз на делови за борбени авиони Ф35 во Израел, соопшти судот.
Организациите, вклучително и холандските ограноци на Амнести Интернешнл и Оксфам, тврдат дека „Холандија придонела за широко распространето и сериозно кршење на хуманитарното право од страна на Израел во Газа“ со тоа што дозволила испорака на резервни делови за израелски борбени авиони додека конфликтот е во тек.
Холандската министерка за одбрана одби да го коментира случајот, а претходно овој месец, холандскиот весник НРЦ објави наводи од владини извори дека Холандија дозволила испорака на делови за израелски воени авиони, и покрај предупредувањата од правните советници дека тоа би можело да биде прекршување на меѓународното право, бидејќи авионите се користат во бомбардирањето во Појасот Газа.
Неколку претставници на Обединетите нации, вклучително и Високиот комесаријат за човекови права на ОН, предупредија дека израелските воздушни напади врз Газа може да се претстават како воени злосторства, со оглед на големиот број цивилни жртви.
Израел, сепак, ги негира обвинувањата за воени злосторства, велејќи дека неговите воени сили се придржуваат до меѓународното право. По нападот на Хамас на почетокот на октомври, Израел го бомбардираше Појасот Газа седум недели, пред почетокот на сегашното примирје. Според палестинските здравствени власти, во тој период биле убиени повеќе од 15.000 жители на Газа.