Две холандски текстилни компании кои работат во Штип ќе го прошируваат своето производство, со што бројката на вработени ќе ја зголемат, а една од компаниите наместо лон производство ќе се ориентира во производство на брендирани текстилни производи, со што вредноста на производот, но и на трудот на работниците ќе се зголеми најави Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Вилем Воутер Пломп при денешната посета и средба со градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски.

Во Штип работат вкупно седум холнадски компании во текстилниот сектор.
– Она што можам да го кажам е дека најмалку две од холнадските компании што веќе функционираат во Штип планираат проширување, едната од нив е компанијата ЕМТ, која што и за што сме дојдени денеска го најавува својот нов проект, вели Пломп.
На новинарско прашање за колкава инвестиција станува збор и колку нови работни места ќе бидат отворени со проширувањето на оваа фабрика. Пломп вели дека конкретно компанијата ЕМТ во првата фаза би имал до 65, а во втората фаза би вработила сто работници.
Штипскиот градоначалник, Бочварски истакна дека проширувањето на производството на две холнадски компании кои работат во Штип е добра вест и значи и нови работни места.
– Тоа е нов свеж капитал кој би влегол во општина Штип и ние како општина ќе продолжиме да овозможуваме добри услови за работа како на странските така и на домашните компании. Така што денеска имавме една убава средба на која разменивме и мислења, предлози и идеи, вели Бочварски.
Забележа дека како локална власт се подготвени да им излезат во пресрет на компаниите кои бараат проширување на своето производство, со што ќе им се овозможи и побрзо да инвестираат.