Евроинтеграциите ги блокираше оваа Влада, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“ откако вчера холандската амбасада после средбата со лидерот на партијата, Христијан Мицкоски објави дека се „загрижени оти најголемата опозициска партија може да го одложи пристапувањето на С. Македонија кон ЕУ“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека евроинтеграциите се блокирани со ветувањата кои ги даваат Ковачевски и Ахмети, а не можат да ги исполнат.
-Оваа влада прифати услови кои ниту една влада никаде во Европа не ги прифатила. Ова се услови кои одат на штета на народот, идентитетот и државата, појаснуваат од „Белата палата“.
Амбасадата на Кралството Холандија после вчерашната средба објави на Твитер:
„Aмбасадорот Дирк Јан Коп на отворена и конструктивна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изрази загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ може да го одложи пристапувањето кон ЕУ. Со оглед на декларираната посветеност на најголемата опозициска партија, Кралството Холандија повикува на конструктивна соработка кон таа цел меѓу владата и парламентот“.
Ваквиот став на Јан Коп најверојатно се однесува на тоа што најголемата опозициска партија тврди дека нема да ги поддржи уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата од македонскиот Устав.
Ambassador Kop in an open and constructive meeting with @MickoskiHM expressed his concern that VMRO-DPMNE may delay EU accession. Given the stated commitment of the largest opposition party, 🇳🇱 urges constructive cooperation towards that goal between government and parliament. pic.twitter.com/Z6JwAiTjQN
— Dutch Embassy North Macedonia (@NLinSkopje) February 9, 2023
Од партијата на Мицкоски преку соопштение наведоа дека на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, како и евроинтегративниот пат на Македонија.
-Претседателот Мицкоски истакна дека односот на бугарските власти кон Македонија и негирањето на македонскиот идентитет, само ја засилуваат ескалацијата на лошите односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека пристапниот пат на државата кон Европската унија не смее да личи на пазар со земјоделски култури на кој се продава и се купува македонскиот идентитет, соопштија меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.
Н.П.