Холштајн: Не постои алтернатива за уставните измени, иднината на земјата мора да е над интересите на поединечните партии

од Vladimir Zorba
162 прегледи

Не постои алтернатива за уставните измени. Сметам дека содржински на ниеден начин тоа не е болно за Северна Македонија, вели Германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за „Независен“, која деновиве си заминува од Македонија.

-Посакуваната уставна промена одредува нешта кои за никого не се болни. Но, дека процесот како таков е многу болен за земјата, тоа го разбирам целосно. Бидејќи имаше уставна промена по Преспанскиот договор и тогаш имаше ветување дека тоа би било доволно за да се отвори патот не само кон НАТО, туку и кон ЕУ. И сега уште еднаш да мора да се промени уставот, и тоа боли и делува нефер, но верувам дека на крајот тоа е чекор кој едноставно мора да се направи. Сите на кои им е важна европската иднина на земјата би требало да соработуваат натпартиски: Иднината на земјата мора да е над интересите на поединечните партии, истакнува таа.

Според неа, алтернативата е да се застане на патот кон ЕУ и да се биде одвоен кога другите продолжуваат понатаму.

-Северна Македонија тоа не го заслужи. Би требало исто како Албанија и другите земји од регионот што веќе се наоѓаат во пристапниот процес да продолжи понатаму по нејзиниот пат на приближување кон ЕУ, бидејќи овој процес не е цел сама за себе. Реформите не се цел за себе. Станува збор за веќе спомнатиот широк процес на модернизација на целото општество, кој ќе им донесе добро на сите луѓе во земјата. За тоа станува збор при приближувањето кон ЕУ и при конечниот прием. Затоа уставната промена би требало да следи годинава и ќе сториме сè Северна Македонија да ја поддржиме околу овој тежок чекор, се разбира без притоа да сакаме на нешто да ја присилиме или да наметнеме, посочува Холштајн.

Слични содржини