Стабилноста на Западниот Балкан, улогата на НАТО и земјите во регионот, како и украинската криза се тема на конференцијата „Улогата на НАТО во проектирањето на стабилноста на Западен Балкан“ што од денеска се одржува во Охрид.
Предизвиците со кои се соочуваме, според американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнс, се разновидни, почнувајќи од здравствени, безбедносни и слично. Стабилен и просперитетен регион, посочи, придонесува за цела Европа, додека САД имаат бенефит од стручноста на земјите од Западен Балкан.
– Важен е вашиот придонес како регион во Европа. Сите зборуваат колку е важно да се инвестира во овој регион, со самата безбедност и стабилност се придонесува во Европа, истакна Брнс на отворањето на конференцијата.
Германскатаа амбасадорка Анке Холштајн забележа дека последиците од руско-украинската војна се чувствуваат и во Република Северна Македонија, во рамките на надворешната политика.
– Оваа година геополитичкиот контекст сосема се смени, веќе шест месеци е така со војната во Украина. Не беше невозможно да се види дека ќе се случи, зошто уште пред години имаа најавено во која насока сакаат да одат. Можеби не сакавме да го видиме тоа дека ќе се случи, рече Холштајн.
Со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, по 17 години кандидатски статус, таа додаде дека е забележителен напредокот и во чекорите кон Европската Унија, нагласувајќи дека сега е важно да се стекне повторно довербата кај народот во Унијата.
– Принципот на единство и блокирањето на Русија се големи предизвици со кои мораме да се соочиме во иднина. Тоа се прашања за кои сите разговараат. Репубила Северна Македонија има важна улога во одржување на мирот. Со зачленувањето во НАТО пред две година и со кандидатскиот статус од 17 години, првите чекори на овој тежок пат кон ЕУ се гледа напредок. Важно е сега да се стекне повторно довербата кај народот во ЕУ. Може да не гледате како партнери, но исто така и како обезбедувачи на безбедност мораме да се соочиме со ризиците кои се пред нас како што се војната, промената на климата, пандемијата. Со заеднички сили можеме да ја поддржиме Украина и да се бориме, истакна германската амбасадорка.