Застрашувачките сцени завчера од центарот на Скопје со куп маскирни униформи, воинствени извици и мапи на т.н. Голема Албанија на најсилен можен начин ја покажа сета слабост на мицковистичко ДПМНЕ во однос на Меџити, Касами и Гаши односно ВЛЕН, чиј што министер во владата даде јавна поддршка на ова бизарен собир за осомничени и осудени воени злосторници од страна на Хашкиот трибунал. Уште повеќе, ја покажа сета немоќ на Северна (РСМ) како држава која е своевиден наследник на поранешната држава Р.Македонија. Има дисконтинуитет меѓу овие две држави иако формално-правно РСМ е сукцесор на РМ – ако РМ беше неодржлив проект што впрочем времето го докажа со промена на истата во РСМ, од завчера се чини дека и Северна, наспроти очекувањата на сите оние кои придонесоа за нејзиното конституирање е исто така неодржлив проект (ако воопшто и биле такви намерите, којзнае, можеби биле токму спротивни во смисла на нејзино етапно но континуирано про-паѓање, она што впрочем е наша секојдневна реалност). Можеби навидум изгледа радикално тврдење но бројни факти се афирмативни во полза на мислењето дека денес сите што живеат на оваа територија, а посебно Македонскиот народ, мора длабоко да ги преиспитаат сите досегашни каузални релации и онтолошки дадености, ако воопшто мислат и планираат да егзистираат како колективен субјект со своја државност на Балканот.
Северна беше и е заеднички проект на заево сдсм и мицковистичко дпмне а овие десетина години откако се конституираше и „функционираше“ таа пропаѓа во сите свои битни аспекти, од економски до светска позиција како меѓународен државен субјект. Завчерашниот митинг е само негативна квинтесенција на перманентата пропаст на Северна (РСМ), со самото тоа што вооопшто дозволи како држава ваков апсолутно заканувачки настан. Па, ако мицковистичко дпмне заборавил на Вејце, Карпалак и битката за Радуша, македонскиот народ памети – ако Србинот потпретседател на владата на Северна не слушнал, Српскиот народ, вклучително и оние кои живеат во Северна а богами и ние, Македонскиот народ, слушна дека таму се навредуваше Српскиот народ. Ако „лидерот“ на мицковистичко дпмне и (верувале или не) претседател на владата на Северна (РСМ) не прочитал дека министер во (како што самиот често кажува) „неговата“ влада, дава јавна поддршка на собирот што наликуваше на воено дефиле, ние прочитавме, сепак за среќа сеуште има неколку слободни медиуми среде апсолутната доминација на режимската пропаганда. Всушност, завчера како да се сублимираа, во еден ден и во еден настан, десетина години историја на Северна како проект – очигледно, неодржлив проект. Завчера до израз дојдоа сите клучни одредници на Северна и сета нејзина немоќ, сите иманентни слабости во конституцијата и инхерентниот модел преку кој истата функционира посебно во соголен политички аспект, во случајов конкретниот режим на дпмне мицковистичко како нумерички доминантна политичка „сила“, која, ете видовме, немаше ниту до толку сила легитимно и легално да не дозволи одржување на таков настан кој сам по себе е негација на можноста да функционира државноста на ова парче земја наречена Северна (РСМ). И не постои можност за релативизација на одговорноста зошто се дозволи завчерашниот ден, макар што тоа е воспоставена ефтина уличарска финта на оние од дпмне мицковистичко, да се прават како да се паднати од Марс а не клучни носители на режимот како што тоа се само кога станува збор за сомнителни тендери и буџетските пари. Инаку, меѓу другото, после саботата, вопшто нема веќе дилема дека од 2017 година наваму дпмне мицковистичко е најголем политички непријател на Македонскиот народ (се разбира, во тесна конкуренција со заевистичкиот сдсм) – првенствено заради фактот на намерно инхибирање и политичко потиснување на автентичниот, природен Македонски патриотизам преку злоупотреба на светите букви, капиталот и митологијата за ВМРО – со единствена цел власт, а видовме што значи тоа во овие мачни и предолги година и половина во кои пропаѓаме како народ и држава. Толку е лошо што повеќе не е ни забавно како порано да се гледа каков пресврт и деструкција во основните идеолошки одредници прават оние од дпмне мицковистичко со нивните нови апологети, кои станаа повеќе соросоиди и шарени дури и од самите соросоиди познати од времето на шарената револуција на која, каков парадокс, денешните „вмровци“ им беа перјаници и идеолози. Па таков циркус не можеше ниту да се замисли до пред десетина години – такво перверзно первертирање на историскиот хабитус и примордијална идеологија на ВМРО.
Одамна не постои сомнеж дека последните десетина години се најлошиот временски период во поновата историја на Македонскиот народ. Во тие десетина години – почнувајќи со шарената револуција па се до диктаторскиот режим на мицковистичко дпмне – на купче се наоѓаат и лесно можат да се идентификуваат сите елементи кои Северна ја направија да биде неодржлив проект во постојан пад на сите параметри. Меѓутоа, уште полошо е што тие десетина години се и како ретровизор во кои може да се видат и објаснат сите тешки прашања кои народот си ги поставува, наспроти алчните за власт „големи“ политички партии. Како да се одгатката на мачните прашања, како да се одговорот зошто низ нашата, Македонска историја, се случиле толку многу предавства на идеалите за своја држава, зошто се случил Букурешт 1913 година, зошто сме биле најсиромашна република во СФРЈ на Тито, зошто ни се случи охридскиот рамковен договор, зошто Александар Македонски денес официјално во историографијата е Грк а не Македонец иако е Македонски, зошто според закон не смееме на јавни места да го вееме нашето вековно знаме, зошто сме Северна а не Македонија, итн.итн.
Оваа очајна состојба во Северна (РСМ) – мициленд, режимот на дпмне мицковистичко – е многу опасна во најреалната смисла на зборот по самата колективна егзистенција на македонскиот народ, во пресрет на процесите на Балканот, и индиректно во светот а посебно војната меѓу Русија и Украина. Историјата потврдува до последното парче земја дека Балканот е буре барут – бил, и ќе биде. Балканот е посебна онтолошка целина, и за жал, не е погрешен стереотип или несоодветно клише врежано длабоко во свеста на Европа односно светот дека во Балканот има нешто, метафорично изразено, закопано длабоко под земјата или можеби стационирано некаде во воздухот, кое ги тера луѓето од овие простори вечно да се касапат помеѓу себе во име на знамиња и земја. Не е погрешен ниту изразот во Балканистичкиот дискурс со кој парадигматично се отсликува менталната матрица на HOMO BALCANICUS – мрачна Балканска крчма (биртија). HOMO BALCANICUS, како есенцијалистичка односно метафизичка категорија во Балканистичкиот дискурс означува човек опседнат со омраза, бес, со примитивни етнонационалистички инстинкти, воинствен, без демократска свест, без елементарна толеранција кон другите, со митологија како извор на идентитетот, итн. Па така, додека учк униформи се шетаат низ Скопје, Хрватска се вооружува, Косово купува дронови, Србија има моќна армија што се виде и на воената парада во Белград пред неколку месеци, во Босна се засилува националистичката реторика односно обид за поништување на Дејтонскиот мировен договор преку укинување на Република Српска, во Рашката област која некои ја нарекуваат Санџак се почесто се забележуваат сецесионистички тенденции, итн. И над сето тоа одѕвонуваат злокобно зборовите на Туѓман пред „олуја“, нападот (и „етничкото чистење“, уште еден израз, рефлексија на Балканот) врз Република Српска Краина – „да ги удриме толку силно да никогаш не се вратат“. НАТО, ЕУ, економски напредок и слично не значат многу на Балканот, како што ниту времето не значи – тој е нурнат во историјата, со специфична траекторија на алчност по земја и („чисти“) национални држави; колективниот сон е своја и само своја земја – така било, така е, и така ќе биде, се друго посебно од реал-политички и гео-политички аспект е обична илузија. А нашата, Македонска државност отсекогаш била оспорувана, негирана, уништувана на секој можен начин, од масакри до окупации. Со овој режим, со мицковистичко дпмне, во мициленд, во Северна, се повеќе се плашам дека историјата можеби, скраја да е, овојпат нема да ни се повтори како фарса туку како нова трагедија.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.