#NoToGattuso.
Хаштагот што навивачите на Тотенхем го лансираа на социјалните мрежи даде резултат.
Клубот од Лондон ги прекина разговорите со Џенаро Гатузо, кој вчера беше прв кандидат за тренер.
Но, групата „Tottenham Hotspur Supporters’ Trust“, независна и непрофитна организација, започна кампања и уште еднаш покажа колкава моќ имаат навивачите во англискиот фудбал.
Зошто навивачите на Тотенхем не го сакаа Гатузо?
Англиските медиуми пренесуваат дека станува збор за неговото минато, односно хомофобичните и сексистички ставови.
Навивачите се вратија 13 години порано и го потсетија на неговите зборови, додека тој сè уште играше фудбал во Милано и за италијанската репрезентација.
„Ова е 2008 година и секој може да прави што сака. Но, јас сум против хомосексуалните бракови, тоа е сквернавење за мене. Јас пораснав со семејни вредности, почитувајќи ја верата, па затоа ми е потполно туѓо“, рече тогаш Гатузо.
Истата година тој рече во една ТВ-емисија дека „фудбалот не е за жени“.
Навивачите на Тотенхем сметаат дека лице со такви ставови не може да биде тренер на клубот, а претседателот Даниел Леви немаше што да прави – па ги послуша.