Honda ја завршува продажбата на Type R во Европа и подготви проштален модел Ultimate Edition со ограничено издание.
По три години продажба, генерацијата FL5 на Honda Civic Type R го напушта пазарот во Европа и Велика Британија, но тоа го прави на грандиозен начин. Јапонскиот производител ќе произведе само 40 примероци од Ultimate Edition, а сите примероци ќе бидат обоени во класичната Championship White боја, додека серија црвени детали и налепници ќе создадат контраст, вклучувајќи линија преку хаубата и скалест дезен на страните.
Повеќе карбонски детали има на задното крило, праговите и централната конзола, додека целиот ентериер доби дополнително осветлување за држачот за чаши и просторот за нозе. Логото на Type R сега се проектира на земјата кога ќе се отворат вратите.
Honda, исто така, подготви подарок пакет за купувачите, кој вклучува карбонски приврзок за клучеви, подни простирки по нарачка и уникатна навлака за автомобил.
Под хаубата сè уште се наоѓа 2,0-литарски турбополнет четирицилиндричен мотор, кој развива 329 КС и 420 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3,4 секунди, додека максималната брзина е 275 км/ч. Ова се одлични бројки за моќен хечбек, кој во своето време собори бројни рекорди за автомобили со погон на предните тркала, вклучувајќи го и рекордот за круг на патеките Сузука и Нирбургринг.
„Додека се збогуваме со икона од автомобилската понуда на Honda во Европа, сметавме дека е соодветно да му дадеме на Civic Type R конечно збогување со овој посебен модел и да им дадеме можност на нашите клиенти да го прослават неговото наследство. Индустријата се менува, а нашата понуда мора да се развива во согласност со европското законодавство. Сепак, Type R отсекогаш бил врвен израз на Honda за нашата страст за возбудата од возењето и со нетрпение очекуваме да го прославиме неговото наследство во наредните недели и месеци“, рече Хана Свифт, раководител на стратегија и производи во Honda Европа.
Вкупно 40 модели од Ultimate Edition пристигнуваат во Европа, од кои 10 се наменети за клиенти во Велика Британија. Цените не се објавени.