Хонда ја отфрли можноста да се врати во Формула 1

од Vladimir Zorba
235 прегледи

Хонда го суспендираше своето фабричко учество во Формула 1 на крајот на 2021 година, одлука донесена една година порано поради кризата предизвикана од КОВИД-19. Ниту титулата која ја освои Макс Верстапен не успеа да ги убеди газдите на јапонскиот гигант да ја продолжат својата инвестиција во проектот.

Сепак, Ред Бул и Алфа Таури сè уште користат погонски единици на Хонда, но сега означени како Ред Бул. Првичната идеја беше тие да се произведуваат во новото крило на фабриката на „биковите“ во Милтон Кејнс, но бидејќи не беше подготвена на време, единиците повторно беа направени во Сакура, под надзор на тркачкиот оддел на Honda – Honda Racing Corporation.

И покрај сѐ уште блиските односи на Хонда со Ред Бул, тие се децидни дека во моментов не се разговара за можноста за нова фабричка програма.

„Многу сме заинтересирани и ги следиме трендовите во Формула 1, но тоа не значи дека наскоро ќе се вратиме. Сега сакаме да се фокусираме на технолошкиот развој, така што нема дискусии за враќање во Формула 1“, изјави еден од шефовите на Хонда, Коџи Ватанабе.

„Хонда го сфаќа мотоспортот многу сериозно и одлуката да замине беше многу тешка. Компанијата одлучи да се фокусира на јаглеродни неутрални технологии. За нас немаше што повеќе да бараме во Формула 1“, додаде тој, коментирајќи ја одлуката да се повлече од спортот.

Слични содржини