Денешниот настан на Honor за време на IFA во Берлин ги донесе долгоочекуваните информации за меѓународната цена и стартот на продажбата на Honor Play. Уредот со гејмерска насоченост ќе се продава од крајот на овој месец во сите вообичаени канали и партнери на Honor во Европа по цена 329 евра за единствената верзија со 4GB RAM и 64GB внатрешна меморија.
Компанијата ќе пушти и серија со име Player Edition со две специјални варијанти во црна и црвена, кои вклучуваат различни графички елементи на задниот капак и црвени акценти на копчињата и околу камерата и сензорот за отпечатоци. Цената на оваа опција е 349 евра.

Honor Play се позиционира како гејмерски телефон и тоа се должи на технологијата GPU Turbo, која веќе е достапна и за други модели на Honor и Huawei, а до крајот на годината ќе биде додадена во други од постоечките уреди. Станува збор за додаток, кој ги комбинира можностите на софтверот и хардверот, а според Honor, ги подобрува графичките перформанси во одредени игри (PUBG, Asphalt 9 и др.) со 60% при намалување на потрошувачката на енергија за 30%. Покрај тоа, треба да се обезбеди релативно константна фреквенција на кадри без големи падови.
Можностите за вештачка интелигенција на Kirin 970 се користат за анализа во реално време на слики и звук и обезбедување на повратни информации преку вибрации, а освен тоа помагаат за симулирање на 3D звук. На денешниот настан стана јасно дека Honor ќе соработува со PUBG Mobile, а во игра, Honor Play обезбедува просечна стапка на слики 39.46 fps. Траењето на батеријата пак е за 30 минути подолго во споредба со други предводници, нудејќи до 4.5-часовна интензивна игра.