ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распишува оглас за резиденцијален престој за двајца млади визуелни уметници.
Денешниот живот во услови на пандемија како и глобалните климатски промени се повеќе го поттикнуваат прашањето за нашиот однос кон природата, за здравиот живот и кои се неговите опции. Експертите и истражувањата покажуваат дека престојот и животот во природата е една од опциите. Дали е возможна значајна промена кај македонскиот граѓанин кој би се свртел кон населување на запуштените села или живот во природа надвор од населени места? Дали животот во природа за младиот македонски граѓанин е возможен? Кои се предности а кои се недостатоците на животот во природа надвор од градовите? Животот во природа е темата која ќе ја истражуваат двајца визуелни уметници во рамките на нивниот резиденцијален престој од 14 дена во природа надвор од населени места.
Резиденцијалниот престој ќе се реализира во Вила Преведена 2 во периодот од 1 до 14 септември. Вилата Преведена се наоѓа на 1200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица. Ова место е изолирано во планината и нуди извонредни можности за творење и истражување на темата живот во природа. Во близина живеат 2 фамилии и тие за уметниците можат да бидат извор на информации за темата. Најблиското населено место е беровското село Двориште кое се наоѓа на 7 километри од местото Преведена. Уметниците ќе можат да го посетуваат и да добијат дополнителни идеи и информации потребни за нивното творење. Во текот на резиденцијата учесниците ќе имаат поддршка за нивната работа од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните 2 дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со младите уметници. Во договор со уметниците во текот на месец ноември ќе бидат организирани две виртуелни ( он лајн изложби) на уметниците кои учествувале во овој истражувачки проект. На изложбите ќе бидат промовирани делата креирани како резултат на нивниот престој во природа и истражување на темата “Живот во природа”.
Трошоците за сместување се покриени од организаторот. Дополнително уметниците ќе добијат дневници од 6.500 денари за храна. Вилата располага со две посебни соби, кујна и тоалет, кабелска телевизија и интернет.
Услови за учество во проектот:
– Визуелни уметници на возраст до 35 години.
– Кандидатите да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект.
– Делата кои ќе ги изработуваат за време на резиденцијалниот престој треба да бидат една или комбинација од следниве форми на визуелна уметност: Фотографија, сите сликарски техники, инсталација, видео арт.
– Со пријавата да се достават најмалку три (3) уметнички дела како портфолио, како и биографија преку електронска пошта
– Да се достави мотивационо писмо за учество на резиденцијата.
– Краен рок за пријавување е 21 август 2022 година до 24 часот.
Приоритет ќе имаат уметниците кои досега не користеле финансиски средства од Министерството за култура. Сите млади уметници можат да се пријават преку поднесување на потребните документи на електронската пошта [email protected]. Прашања може да доставите на истата електронската пошта.
Резиденцијалниот престој е дел од проектот “Живот во природа” кој е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.