ХОПС за Работната група: Очекуваме научно и правно издржана дискусија со цел изготвување на најдобро законско решение во полза на граѓаните

од Stefanija Kuzmanovska
502 прегледи

Работната група е составена од експерти со големо познавање во областа на медицината, политиките на дроги, правото и човековите права, експерти кои имаат големо искуство во својата област и очекуваме да имаме научно и правно издржана дискусија со цел изготвување на најдобро законско решение кое пред се ќе биде во полза на граѓаните и нивното здравје и почитување на права, велат во разговор со „Локално“ од Здружение ХОПС-Опции за здрав живот Скопје во врска со одлуката на Владата за формирање работна група, која ќе работи на подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот.

„За личната употреба треба да се ревидира и Законот за прекршоци против јавен ред и мир според кој употребата на јавно место претставува прекршок против јавниот ред и мир и е основа многу луѓе да добиваат високи парични казни затоа што биле фатени на пример само како пушат џоинт на јавен простор“, наведуваат од Здружението.

Од ХОПС велат дека политичка волја за промена на досегашната регулатива постои, искуства и позитивни пракси од други земји кои можеме да ги употребиме при креирањето на нашиот модел на легализација исто така постојат, што значи предусловите за квалитативна работа се обезбедени и „ние сме подготвени да започнеме“.

„Значајно е во органите на управување на Агенцијата за канабис да има и преставник од здруженијата на граѓани кој со своето познавање и експертиза ќе придонесе кон подобро работење на агенцијата“, додаваат оттаму.

Владата донесе одлука за формирање работна група, која ќе работи на подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот. Имате ли информации кога треба да започне работата и кога можеме да очекуваме да почнат да се применуваат законите?

-Засега го добивме решението за формирање на работната група меѓутоа се уште не е започната координација за отпочнување со работа на оваа група. Законите ќе може да се применуваат кога ќе бидат усвоени од Собранието на РСМ и кога ќе стапат на сила, меѓутоа во овој момент навистина е рано да даваме било какви прогнози и временски рокови, бидејќи како што кажав работната група се уште нема започнато со работа.

Дали очекувате опозицијата да блокира дел од решенијата со оглед на нивниот ригиден став по ова прашање?

-Ние се надеваме дека откако ќе се направат законските амандмани или предлози за истите да се отвори јавна дебата пред се во рамки на собраниската работа на која ќе може да се образложат законските предлози, да се разговара со издржани аргументи за придобивките, но и евентуалните предизвици од ваква законска регулатива. Се надеваме дека опозицијата нема да го блокира целиот процес затоа што такво блокирање нема да биде во интерес на граѓаните.

Здруженија на токсиколози, педијатри, онколози, млади фармацевти, млади кривичари, претставници на Хелсиншки комитет, Коалиција Маргини, но и на државни органи… Можат ли, според вас, сите овие учесници да застанат на „иста линија“ за да видиме одржливо решение?

-Работната група е составена од експерти со големо познавање во областа на медицината, политиките на дроги, правото и човековите права, експерти кои имаат големо искуство во својата област и очекуваме да имаме научно и правно издржана дискусија со цел изготвување на најдобро законско решение кое пред се ќе биде во полза на граѓаните и нивното здравје и почитување на правата. Инаку дел од здруженијата веќе сме обединети преку иницијативата „Операција Ослободување“ која функционира заеднички од септември 2020 година и преку која своите заеднички барања и предлози ги презентиравме повеќе пати во јавноста.

Мандатот на работната група опфаќа и прашања поврзани со Декриминализација и легализација на поседување и лична употреба; Декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба; Разгледување можности за основање и работење на социјални клубови…какви придобивки очекувате од овие решенија? Дали се работи пред се за економски и дали како општество сме подготвени за вакво нешто?

-Декриминализацијата на личната употреба и одгледувањето растенија за лична употреба спаѓа во доменот на кривичното право и треба да се направи со измени и дополнувања во Кривичниот Законик, кој во моментов исто така се работи и каде ние имаме свои надворешни претставници во работната група со цел со својата експертиза да ја аргументираат потребата пред членовите на таа работна група за декриминализација на наведените дејствија. Исто така за личната употреба треба да се ревидира и Законот за прекршоци против јавен ред и мир според кој употребата на јавно место претставува прекршок против јавниот ред и мир и е основа многу луѓе да добиваат високи парични казни затоа што биле фатени на пример само како пушат џоинт на јавен простор.

Од друга страна, паралелно со процесот на декриминализација во кривично правниот систем, мора да се легализира односно да се уреди користењето, одгледувањето и дозволената трговија на канабис преку овластени лица. Ние како организација и како дел од иницијатвата Операција Ослободување дефинитивно се заложуваме да биде овозможен олеснет пристап на легален начин до канабис и продукти од канабис на полнолетни граѓани кои заради медицински причини или личен избор употребуваат канабис и продукти од канабис.

Ние како граѓанска инцијатива се заложуваме за тоа да пред се граѓаните кои употребуваат канабис имаат можност да го користат растението и неговите продукти без страв од прогон, без оргомни трошоци и со загарантиран квалитет и затоа е неопходно да се регулира како ќе се овозможи граѓаните да може да си одгледаат за свои потреби доволна количина од ова растение. Од друга страна комерцијализацијата преку социјални клубови е потребна и корисна бидејќи како и за сите други продукти одредени граѓани едноставно нема да можат да одгледуваат канабис за свои потреби, па затоа е потребно на легален начин да имаат пристап до растението. Секако тоа ќе придонесе и за економски бенефит на државата, па користа е двојна. Политичка волја за промена на досегашната регулатива постои, искуства и позитивни пракси од други земји кои можеме да ги употребиме при креирањето на нашиот модел на легализација исто така постојат, што значи предусловите за квалитативна работа се обезбедени и ние сме подготвени да започнеме.

Основањето на Агенција за канабис е едно од прашањата кое буди интерес кај граѓаните. Со што според вас би се занимавала оваа Агенција и дали има слично решение во други земји?

-Оваа Агенција би требало да ги врши најголемиот дел околу организацијата на одгледувањето на канабисот, добивањето на дозволи, спроведување на редовни истражувања, мониторинг и евалуација на состојбата со производството, трговијата и употребата на канабисот и слични прашања. Значајно е во органите на управување на оваа Агенција да има и преставник од здруженијата на граѓани кој со своето познавање и експертиза ќе придонесе кон подобро работење на агенцијата.

Што очекувате од вашето учество во Работната група која ќе работи, меѓу другото, на декриминализацијата на марихуаната? Дали веќе имате програма со која ќе настапите пред другите? Кои се најважните точки за кои ќе се залагате?

-Нашите барања се јавно презентирани повеќе пати како дел од иницијативата „Операција Ослободување“, но еве да ги повториме уште еднаш:

1. Итна декриминализација на поседување и лична употреба.

2. Итна декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба.

3. Да се овозможи основање и работење на социјални клубови.

4. Да се зголеми бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис согласно медицината базирана на докази, да се дозволи лекари освен од јавното и од приватното здравство да препишат препрати од канабис, и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории).

5. Во Агенцијата за канабис да има независно тело-комисија составено од преставници на граѓанскиот сектор.

6. Да се предвиди во Законот за контрола на опојни дроги формирање на Фонд од давачките кои правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат согласно овој закон. Да се прецизира процент од средствата од овој фонд кој ќе биде наменет за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести.

С.К.

Слични содржини