Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, изјави дека не му се допаѓа идејата тим од Дубаи да влезе во Евролигата. Поранешниот шпански репрезентативец е на мислење дека на турнирот треба да учествуваат само екипи од Европа и не гледа смисла да прифати клуб од друг континент.
„Клучниот збор овде е „гласини“. Не гледам никаков договор или нешто слично. Како претседател на ФИБА Европа, не ми се допаѓа што тим од друг континент може да учествува на нашето натпреварување. Ова е Евролига и не гледам смисла во такво нешто. Под претпоставка дека тоа навистина ќе се случи, останува да се види како ова ново сценарио ќе влијае на тимовите во Европа и нивните патувања. Како тоа ќе влијае на клубовите кои играат финалиња во нивните лиги?
Не сакам премногу да зборувам за тоа бидејќи не сум запознаен со понудата од Дубаи. Сепак, морам да кажам, не ми се допаѓа. Името на турнирот е Евролига. Ако прифатиме тимови од Блискиот Исток или Азија, тогаш тоа ќе ја изгуби својата важност. Не сакам да заземам страна, но не ми се допаѓа. Ако се случи, тогаш европски тим мора да го напушти турнирот? Или да имаме 19 екипи? Затоа не сакам премногу да навлегувам во темата. Сепак, турнирот е европски и не ја гледам поентата од тоа“, изјави Гарбахоса за медиумите, цитиран од basketnews.com.
Како што е познато, Јадранската лига веќе се изјасни против вклучување на тим од Дубаи и одби да прифати таков тим во својата конкуренција. Ова е еден од условите за еден ваков клуб да биде примен во Евролигата.