Тројца тинејџери кои фрлале големи камења од автомобил во движење убиле 20-годишна девојка која потоа ја фотографирале за спомен, соопшти американскиот суд.
Во соопштението се наведува дека еден од тројцата 18-годишници рекол дека фрлале камења за забава, а дека се чувствувал виновен кога на 19 април ја удриле во главата Алекса Бартели, која починала.
Момчето кое возело ја свртело колата за да можат да се вратат назад за другиот да го фотографира уништениот автомобил на девојката затоа што сакале спомен од она што го направија.
Сите тројца тинејџери за првпат во четвртокот накратко беа донесени во судницата за да одговорат на кратки прашања од судијата дали разбираат што се случува.
Тие беа уапсени оваа недела во нивните домови во предградието на Денвер, Арвада, откако беа идентификувани како осомничени со помош на мобилна линија и нивни пријател.
Инспекторите веруваат дека биле вмешани во неколку слични инциденти во кои камења со дијаметар меѓу 10 и 15 сантиметри и тежина до три килограми биле фрлани врз автомобилите во областа.
Двајца други возачи на автомобили се здобиле со полесни повреди ноќта кога Бартели била убиена.
Според канцеларијата на шерифот, Бартели била на телефон со пријател кога ја погодил камен. Кога повикот замолкнал, нејзиниот пријател ја следел локацијата на Бартели со помош на апликација на неговиот телефон и ја нашол мртва во автомобил кој излетал од патот во поле.