Во областа Градачац во Босна и Херцеговина во тек е потрага по маж кој утрово ја убил сопругата и уште две лица. Имено, тој на Инстаграм објави видео со крајно вознемирувачка содржина, во кое им порачал на своите следбеници дека во живо ќе сведочат на убиство.
Како што пренесува „Кликс.ба“, на видеото наводно се гледало како зема пиштол и испукува куршум во челото на женско лице. Исто така, на снимката се слуша и плач на дете кое било во непосредна близина.
Медиумите во Босна и Херцеговина јавуваат дека потерата е во тек и дека специјалните сили се на терен. Градачац моментално е под полициска блокада, при што затворени се сите влезови и излези од градот.
„Дневни аваз“ пишува дека се работи за Нермин Сулејмановиќ, бодибилдер и фитнес тренер кој веќе и е познат на полицијата. Тој наводно е член и на нарко банда.
Овде можете да видите како изгледа убиство во живо, изјавил тој пред грозоморните сцени.
„Аваз“ неофицијално дознава дека човекот по кого се трага убил три лица, меѓу кои и едно дете.
Во меѓувреме, полицијата од Тузланскиот кантон излегла со соопштение во кое било посочено дека дошло употреба на огнено оружје од страна на машко лице, а во таа прилика, според првичните информации, биле повредени неколку лица.
По лицето интензивно се трага. За настанот бил информиран кантоналниот обвинител. Полициски службеници се на местото на настанот и се преземаат потребните мерки и дејствија. На терен се испратени екипи на Полициската единица за специјална поддршка, соопштиле од тамошната полиција.
Од тамошното Обвинителство велат дека ги немаат сите релевантни информации.