ХОРОР во Кина: Починаа 21 учесници на ултрамаратон

од Vladimir Zorba

Дваесет и едно лице го загуби животот во екстремно студени услови за време на ултрамаратонот во провинцијата Гансу, во северозападна Кина, објавија денеска државните медиуми.

Трката долга 100 километри започна на луксузна туристичка локација на бреговите на Жолтата река. Патеката продолжи низ длабоките кањони, преку ридови и суви висорамнини на надморска височина над 1.000 метри. Трката започна вчера наутро и тркачите беа облечени во обични маици. Околу пладне, планинскиот дел од патот беше погоден од град, леден дожд и силни ветрови, што доведе до нагло опаѓање на температурата, соопштија властите во градот Баиџин.

Беше започната голема операција за спасување со над 1.200 луѓе со помош на термални камери, беспилотни летала и радар, објави Синхуа. На трката учествуваа 172 лица. Утрово беше потврдено дека 151 учесник е безбеден, додека последниот исчезнат тркач беше пронајден мртов рано утрово. Спасувачките напори беа попречени кога се активираше свлечиштето, соопштија властите во Баиџин, на околу 1.000 километри западно од Пекинг.

Синоќа беше измерена температура од шест Целзиусови степени во областа Жингтаи. Критиките кон Владата и организаторите на трките се појавија на социјалните мрежи во Кина денес, обвинувајќи ја лошата организација и недоволната подготовка за разни временски непогоди и итни случаи за време на трката.

Официјални лица во градот Баиџин се извинија на новинарите велејќи дека тие се одговорни за смртта на тркачите.

„Пиплс дејли“ пишува дека владата на провинцијата Гансу формирала тим што ќе ги испита околностите и причините за смртта на тркачите.

Слични содржини