Хоти: Косово напорно работеше за интеграција во регионот

од Stefanija Kuzmanovska
136 прегледи

Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, изјави денеска дека Косово работело исклучително напорно за интеграција во регионот, пренесува „Нова.рс“.

За време на видео обраќањето на самитот организиран од Атлантската алијанса за партнерство за Западен Балкан, Хоти рече дека понатамошната соработка меѓу земјите од регионот ќе биде „здрава“ за економско закрепнување по пандемијата на коронавирус.

„Она што го гледам е дека има волја од сите водачи да работат заедно за да се отстранат бариерите меѓу земјите“, рече Хоти, додавајќи дека за Косово било привлечно да биде дел од соработката меѓу тие земји.

Атлантската алијанса очекува оваа конференција да придонесе за економско закрепнување на регионот по пандемијата на коронавирус.

„Очекуваните економски и социјални последици од пандемијата на коронавирус на Балканот бараат итна регионална акција за да се избегне трајна економска стагнација и потенцијална нестабилност што доаѓа со тоа“, наведе Атланскиот совет, кој очекува договор од лидерите на Западен Балкан за поголема економска соработка.

Атлантската алијанса го организираше самитот за партнерство за Западен Балкан за да ги олесни и промовира конкретните чекори меѓу лидерите за регионална економска интеграција што може да го засили економското закрепнување по пандемија, да ја подобри долгорочната конкурентност на регионот и да ја зајакне неговата привлечност кон инвеститорите.